Се уште трае нападот во Анкара, двајца терористи се убиени, третиот држи заложници

Напаѓачите кои денеска извршија терористички напад во Анкара, Турција, до фабриката стигнале со такси, објавија локалните медиуми од неофицијални извори. Двајца од нив се ликвидирани, а третиот држи заложници.

Нападот започнал со експлозија, а потоа напаѓачите започнале да пукаат кон ТУСАШ, многу важно место за одбраната на турската држава, фабрика за авиони.

Вработените кои успеале да избегаат од нападот се забарикадирале во внатрешноста на зградата.

Според неофицијални информации има 8 мртви, а третиот напаѓач држи околу 200 заложници.

Официјално, министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја потврди дека четири лица загинале, а 14 се повредени во терористичкиот напад во областа Кахраманказан, предградие на Анкара. Тој рече и дека се неутрализирани двајца напаѓачи.

„Го осудувам овој грозоморен напад. Нашата борба ќе продолжи со истрајност и одлучност додека не се неутрализира и последниот терорист“, рече тој.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, го осуди нападот и потврди дека загинаа четири лица.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази загриженост поради бројот на жртвите и рече дека НАТО стои покрај својот сојузник Турција.

„Загрижувачки се вестите за загинати и повредени кои доаѓаат од Анкара. НАТО стои до нашиот сојузник Турција. Силно ги осудуваме сите форми на тероризам и внимателно го следиме развојот на настаните“, напиша Руте на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и му ги пренел пораките за поддршка на НАТО.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази сочувство до Турција по терористичкиот напад врз фабриката на Турската воздушна и вселенска индустрија (ТУСАШ) во Анкара.

„Очекуваме информации, но го осудуваме овој напад врз цивилите. Испраќаме сочувство до семејствата на жртвите и се надеваме на целосно закрепнување на повредените“, изјави за Анадолија заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак во име на Гутереш.

Ситуацијата и понатаму е напната, а безбедносните сили се во состојба на готовност. Во областа се испратени безбедносни сили, пожарникари и брза помош. Пријавено е дека персоналот на одбранбената фирма е испратен во засолништа од безбедносни причини.

Обвинителството во Анкара, исто така, започна истрага за терористичкиот напад. 

ТУСАШ е една од најважните турски компании во областа на одбранбената индустрија и воздухопловството. Компанијата го произведува првиот национален борбен авион на Турција – КААН.

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести