Мушмулата е необично овошје, со специфичен вкус и необична текстура. Потекнува од Југоисточна Европа и Западна Азија, а со векови е ценето по хранливите својства. Иако денес како да е заборавено, се повеќе и повеќе се враќа во исхраната и козметиката, благодарение на неговите нутритивни придобивки.
Хранливи материи
Мушмулите се овошни дрвја, а плодот им е топчест, со кафеава боја, со пет карактеристични „запци“ на врвот. Откако ќе созреат тие се многу вкусни, односно стануваат меки и благи и збрчкани. Овој процес на зреење е клучен за нивно консумирање, бидејќи тогаш плодот добива сладок и нежен вкус. Иако на прв поглед мушмулите изгледаат непривлечно, зад нивниот изглед се кријат мноштво хранливи материи кои благотворно делуваат на организмот.
Сезоната на мушмулите започнува кон крајот на есента, обично во октомври и ноември, кога се берат плодовите, но тие го добиваат нивниот најдобар вкус дури по првите мразови. Затоа често се вели дека мушмулите се „зимски плодови“ – плодови кои најдобро се јадат кога се веќе презрели. Откако ќе се наберат, тие обично се оставаат на ладно и суво место да созреат. По неколку недели или месеци, тие стануваат меки и подготвени за консумирање.
Ова овошје може да се вари или да се пече и да се користи во различни јадења, како што се компоти, џемови, мармалади или сосови. Нивната слатко-кисела нота им дава посебен вкус на десертите, а често се комбинираат со јаболка, круши и друго овошје.
Листовите од мушмулата имаат и лековити својства и од нив може да се направи чај кој го зајакнува имунитетот.
Зошто мушмулите се моќно овошје
Тие содржат голем број диетални влакна, кои помагаат во регулирањето на дигестивниот систем и спречуваат запек. Поради нивните природни лаксативни својства, тие често се препорачуваат за луѓе со дигестивни проблеми. Ова овошје е богато со витамин Ц, кој е неопходен за зајакнување на имунитетот и заштита на организмот од инфекции. Витаминот Ц исто така помага во борбата против слободните радикали и ги штити клетките од оксидативен стрес.
Поради нискиот гликемиски индекс, мушмулата е погодна за лица со дијабетес бидејќи не предизвикува нагло покачување на шеќерот во крвта.
Мушмулите имаат благо диуретично дејство, кое го поттикнува излачувањето на вишокот течности и токсините од телото и на тој начин придонесува за детоксикација.
Освен што се корисни во исхраната, мушмулите се повеќе се користат и во козметичката индустрија. Ова овошје и семките се богати со антиоксиданси, витамини и есенцијални масни киселини, што ги прави одлични за нега на кожата и косата.
Екстрактите од мушмули помагаат во борбата против стареењето на кожата, го стимулираат производството на колаген и ја штитат кожата од штетните влијанија од околината. Кремите и серумите на база на мушмула ја хидрираат кожата, правејќи ја поеластична и сјајна. Маслото добиено од семките од мушмула може да се користи за нега на сува и оштетена коса. Го храни скалпот, го стимулира растот на косата и ја прави косата мазна и сјајна.


