БиБиСи доби дозвола од седиштето на британската контраразузнавачка и безбедносна агенција МИ5 во Лондон за да се сретне со висок разузнавач кој ја раскажал неговата приказна и како се чувствувал кога дознал дека е невродивергентен.
Лијам водел состанок за национална безбедност на највисоко ниво, кога одеднаш сфатил дека нешто не е во ред. Почувствувал силна болка во главата и започнал да ја губи концентрацијата.
Додека неговиот телефон постојано светкал од официјалните пораки што пристигнувале, тој се обидувал да продолжи да зборува и да се фокусира на документите за кои разговарале со неговите колеги.
Кога болката станала неподнослива Лијам излетал од собата.
„Искусив сензорно преоптоварување и започнав да го губам видот“, изјави Лиам за подкастот „Access All“на BBC. „Колегите притрчаа да ми помогнат“.
Тој одел и надвор од државата да работи на комплицирани истраги, од кои некои вклучувале ликвидирање на конкретни закани што можеле да ги загрозат британските граѓани. Отсекогаш се гордеел што е човек од доверба за да ја заврши работата, што е клучно за секој разузнавач.
Сепак, сето тоа му предизвикувало огромен стрес.
„Слушам разговор на состанок, во исто време читам имејл и размислувам што треба да напишам во извештајот“, раскажува тој.
На Лијам му било тешко да даде приоритет и често не ги разбирал деталите онака како што тој сакал.
По состанокот, Лијам зел отсуство од работа и бил на преглед кај неколку специјалисти.
Дознал дека тоа се должи на хроничен физички и ментален замор и исцрпеност и зголемен стрес што се акумулирал низ годините.
Имал денови кога знаејќи што се случило му олеснало и денови кога се плашел дека ќе мора да ја смени работата.
„Ми беше тешко да не работам“, вели тој. „Бев многу уморен, низ главата ми се вртеа разни мисли. Како (колегите) ќе ме погледнат“.

И покрај неговите сомневања, кога Лијам се вратил на работа, неговите колеги го поддржале.
Му била понудена поддршка, а експертите за невродиверзитет му помогнале како да научи да се справи со аутизмот.
Научил дека е важно задачите да се извршуваат поединечно, а не неколку во исто време, да се има секојдневна рутина и да се зборува за тоа на што треба да се даде приоритет.
Со текот на времето работите станале полесни.
Лијам се приклучил на мрежата на невродивергентни вработени и бил охрабрен да објави дека е аутист.
Сега, вели тој, може да им пристапи на задачите и да ја опише работата на разузнавањето како решавање на сложена загатка, каде невродивергентните луѓе можат да понудат алтернативни перспективи и да помогнат да се пополнат празнините во знаењето.
Тој вели дека неговиот хиперфокус (невообичаено продолжено и интензивно ниво на внимание на одредена задача), вниманието на деталите и добрата меморија се покажале како плодни во неговата работа на терен.
Да се работи во МИ5 значи да се чуваат многу тајни и само блиските членови на семејството на Лијам знаат што прави, но вели дека тоа никогаш не му било стресно.
„Имам многу информации во мојата глава, но чувањето тајни никогаш не ми било проблем“, додава тој.
МИ5 е работодавач кој го поддржува вработувањето на лицата со попреченост, што значи дека презема чекори за да им обезбеди еднакви можности.
Според податоците објавени во 2022 година, лицата со попреченост сочинуваат четири отсто од вкупно 5.000 вработени во оваа разузнавачка служба.
Сепак, Институтот за влада, британски независен тинк-тенк кој има за цел да ја подобри ефективноста на владата, вели дека овој удел е под просекот на државните служби, кој беше 14 отсто во 2022 година и 15,5 отсто за работоспособното население во Обединетото Кралство.
Историски гледано, безбедносните служби не сакаа да прифатат лица со посебни потреби, црнци и припадници на малцинските етнички групи, но МИ5 вели дека тие напорно работеле на тоа да го сменат.
Во својот последен извештај за разликата во платите, МИ5 наведува дека од новите вработувања во 2022 и 2023 година, четвртина биле од етничките малцинства, а речиси 48 отсто биле жени.
МИ5 не откри колку од нејзините вработени кои се невродивергентни достигнуваат високи позиции во службата, но Лијам вели дека аутизмот не го спречил да напредува.
Лијам стигнал до виш менаџер, а бил унапреден по утврдувањето на здравствениот проблем и вели дека познава и други како него кои биле унапредени.
„Некои луѓе имаат АДХД (нарушување на хиперактивност со дефицит на внимание), некои се аутисти, а некои се преосетливи“, вели тој.
Гордон Корера, дописник за безбедност на Би-Би-Си, вели дека британските безбедносни агенции навистина внимаваат да имаат разновидна работна сила.
„Делумно за да се одрази на структурата на населението, да се покаже дека се отворени за најдобрите луѓе, а исто така да се избегне „групното мислење“ кое се формира кога сите луѓе се од исто потекло или имаат ист поглед на светот. “
Од трите главни разузнавачки и безбедносни служби – MI5, MI6 и владиниот штаб за комуникации (GCHQ) – луѓето со попреченост се чини дека се повидливо претставени во владиниот штаб за комуникации, кој „често бара луѓе кои се невродивергентни“, вели Корера.
Камран Малик од британската хуманитарна организација за попречености Disability Rights UK вели дека работната култура во Британија се подобрува во однос на вработувањето невродивергентни луѓе.
„Организациите како МИ5 се клучни за создавање поинклузивна работна средина за поддршка на луѓето со услови како што е аутизмот“, вели тој.
Но, според податоците на Националното биро за статистика, само 30 отсто од аутистите биле вработени во 2022 и 2023 година.
„Работодавците често не знаат и не разбираат што значи невродиверзитет и поради тоа се создаваат заблуди и не се дава доволна поддршка“, објаснува Малик.
Лијам вели дека има се што му е потребно за добро да ја заврши работата и сака да ја сподели својата приказна.
Но, кога новинарите го притиснале да ги открие местата каде се собираат неговите колеги за да ги споделат своите искуства, Лијам одговорил во стил на шпион.
„Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам дека има паб во кој се собираат вработените во МИ5“
Извор: БиБиСи


