Српскиот парламент продолжи со работа по нередите, гужвите и фрлањето димни бомби и јајца, според изјавата на претседателката на парламентот, во кои се повредени три пратенички, од кои две потешко, а една од нив доживеала мозочен удар.
Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, ја обвини опозицијата за немири и ги нарече опозициските претставници „терористичка група“. Таа рече дека пратеничките Јамина Каранац и Јасмина Обрадовиќ биле погодени од димни бомби и тешко повредени, додека Соња Илиќ, пратеничка во осмиот месец од бременоста, била испрскана со солзавец.
Министерот за здравство Златибор Лончар изјави дека повредената претставничка на владејачката коалиција, Јасмина Обрадовиќ, е во „многу тешка состојба“, а лекарите не можат да и постават целосна дијагноза поради висок крвен притисок по мозочен удар предизвикан од шок, бидејќи наводно била погодена од димна бомба.
Претставниците на владејачката коалиција ја обвинија опозицијата за обид за убиство, а некои од нив ги нарекоа „говеда“, „уличари“, „комунисти“, „ѓубриња“ и други погрдни имиња. Сесијата, со повремени звучни прекини, директно ја пренесуваше втората програма на Радио-телевизија на Србија.
Денешните инциденти во Собранието се само една илустрација за повеќемесечната политичка и општествена криза предизвикана од протестите по смртта на 15 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, за што голем дел од јавноста ја обвинува владата, барајќи одговорност за корупцијата што придонела за трагедијата, и без ефективно политичко влијание на институциите.
Собранието денеска на дневен ред стави 62 точки и голем број закони предложени од владата во оставка, а опозицијата тоа го оцени како незаконско, барајќи прво да биде констатирана оставката на премиерот Милош Вучевиќ поднесена на 28 јануари, која повлекува пад на целата влада. По делумно смирување на ситуацијата, Брнабиќ ја обвини опозицијата дека прави инциденти на начин на косовскиот премиер Албин Курти, тврдејќи дека Собранието денеска сака да донесе закони за „да се исполнат барањата на студентите во блокадата“, сметајќи дека едно од нивните барања е да се подобри состојбата во високото образование, објави Н1.


