Откупните цени на храната мизерни, на полица во продавница астрономски. Вака во емисијата „Бизнис 21“ земјоделците ја опишаа состојбата со нивното производство кое го предаваат дури и за помалку пари од колку што ги чини да го произведат. Проблемот со високите цени во продавниците го гледаат во високите маржи на трговците.
„Моментално откупна цена на зелката, на млада пролетна зелка е 15 денари кај нас на терен. А исто имаме производство на краставица, долга краставица, откупот се движи од 15 до 20 денари. Значи тоа се цени кои не ги задоволуваат ниту производните цени“, вели Ѓорѓи Каракашев, национална мрежа на земјоделци.
Земјоделците се децидни дека покрај нив, најоштетени се граѓаните. Велат покрај високите маржи трговците користат и трикови да заработат повеќе.
„Моменталната откупна цена е 22 денари на оризова арпа, после тоа се преработува во тој дел, меѓутоа ние имаме извадено од факултетот производна цена 27 денари“, вели Тони Максимов, национална мрежа на земјоделци.
„Трговците знаат да си ја зголемат маржата по основ на додаден премикс односно „крш“ во оризот. Тоа го има во трговијата не го знаат граѓаните“, вели Тони Максимов, национална мрежа на земјоделци.
Анализата на Бизнис 21 пак покажа дека за 17 години сме потрошиле 1,5 милијарда евра за субвенции, за да го зголемиме домашното производство на храна. Но производството низ годините паѓа. Само лани над 1 милјарда евра не чинел увозот на храна.
извор: mk.tv21.tv


