Изминатиот викенд во редовните сообраќајни контроли што ги реализириаат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1363 издадени платни налози дури 183 прекршоци се однесуваат на возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Како што денеска соопшти МВР, истовремено 67 возачи возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 101 возач на мотоцикл е санкциониран за неносење на заштитна кацига.
– Инаку согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата 389 прекршоци во текот на викендот се однесуваат за возење со брзина поголема од дозволената, 198 за недозволено паркирање, додека пак прекршочно се санкционирани 79 возачи за некористење сигурносен појас. Изречени се 30 мерки за користење мобилен телефон при возење, 13 санкции за минување на црвено светло, соопшти МВР.
Исто така согласно Законот за возила, 52 возила биле отстранети поради тоа што биле нерегистрирани, а седум возила за техничка неисправност.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
МИА


