АА на Таравари смета дека има институционална дискриминација во образованието

Постои институционална дискриминација во образованието, истакна денеска на прес-конференција Белинда Амити од Секторот за образование на Алијанса за Албанците на претседателот Арбен Таравари.

Според неа, постои систематска дискриминација кон албанските образовни институции и намерно исклучување од проекти, фондови и стратешки развој на образованието во државата. Смета дека има и дискриминација кон албанските универзитети и училишта.

-Во конкурсот за финансирање на научноистражувачки проекти од посебен научен и општествен интерес за 2025 година (вкупен буџет од 30,4 милиони денари) четири проекти му се припаѓаат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, еден проект на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и нула проекти за Универзитетот во Тетово и Универзитетот Мајка Тереза. Во конкурсот за распределба на средства за научноистражувачки проекти финансирани се седум македонски институти, а само еден проект му е доделен на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, рече Амити.

Таа ги посочи ставовите на Алијансата за Албанците за правично финансирање за сите универзитети и јавни училишта, без етничка дискриминација. Побара преглед на образовните реформи со активно вклучување на академската заедница на Албанците и сите заедници и формирање на независна комисија за проценка на употребата на вештачка интелигенција во образованието.

-Образованието е темелот на нашето општество. Не можеме да градиме иднина на скапани темели. Време е за правда, одговорност и образование што им служи на сите граѓани, рече Амити.

Воедно претставничката на АА посочи дека како партија се против неконтролираното експериментирање со вештачка интелигенција во образованието.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести