Таа има 101 година и сè уште оди на работа секој ден: „Ако се пензионирам, нема да преживеам“

Додека многумина се пензионираат барајќи мир и одмор, Ан Анџелети од малото гратче Крескил секое утро ја отклучува вратата од својата златарница повеќе од половина век. На 101-годишна возраст, таа сè уште стои зад рафтот, со истата насмевка и страст со која почнала да работи во 1964 година.

За Ан, работата не е обврска, туку начин на живот. Позната локална златарка, жена со неисцрпна енергија и остар дух, стана симбол на виталност и љубов кон животот. Нејзините редовни клиенти доаѓаат не само за накитот, туку и за неа, за топлината, искрената насмевка и мудроста што зрачи од секоја нејзина реченица.

Во разговор за ABC7 NY, Ан откри дека многу рано го научила значењето на одговорноста. Таа го напуштила училиштето за да му помогне на семејството во мала продавница за храна во Бруклин, додека нејзиниот татко доставувал мраз со кочија влечена од коњи – во време кога немало фрижидери. Кога нејзиниот сопруг заминал во Втората светска војна, Ан ја презела улогата на хранител на семејството и се вработила како келнерка во Морнаричката база.

Тогаш, вели таа, за прв пат почувствувала што значи независноста и силата на една жена.

„Открив колку е убаво кога знаеш дека можеш сè сама да направиш. Тоа чувство никогаш не ме напуштило“, се сеќава таа.

Неколку децении подоцна, таа ја отвора својата продавница – Curiosity Jewelry, сега семеен бизнис.

„Се возев покрај неа и видов знак „се издава“. Ја повикав сопственичката и киријата беше 85 долари месечно. Беше 1964 година и немав поим во што се впуштам. Но, срцето ми рече: направи го тоа“, вели таа низ насмевка.

Иако продавницата е отворена пет дена во неделата, Ана доаѓа и сабота – не затоа што мора, туку затоа што не може поинаку.

„Ако треба да се пензионирам, ќе умрам“, признава таа без двоумење.

Кога ја прашале која е тајната на нејзината долговечност, таа едноставно одговара: „Стани, истуширај се, јади нешто, грижи се за себе. Вежбај. Прави го она што го сакаш. Ако не ти се допаѓа, промени го. Нема голема филозофија.“

Секој нејзин ден започнува со благодарност и завршува со насмевка.

„Животот е прекрасен. Само треба да го живееш до максимум. Среќна сум што сè уште можам да го правам она што го сакам денес.“

Приказната на Ан Анџелети допре илјадници луѓе кои ја нарекоа жива инспирација. Некои велат дека „добила на генетската лотарија“, но таа не верува во среќа. Таа верува во работа, љубов и грижа за себе.

И додека многумина ги бројат годините до пензионирање, Ан брои секое утро – нови можности за живот, пишува Телеграф.рс.

Најчитани вести