На платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ вечерва владее голема мобилизација — десетици камиони, цистерни и механизација се поставени и подготвени за почеток на големата акција за чистење на Скопје, која започна во 20:30 часот.

Присутни се повеќе од стотина работници, кои ќе имаат задача да го соберат отпадот, да ги изметат и исперат улиците, како и да ги расчистат запуштените простори во главниот град. Кај комуналците дојде и премиерот Христијан Мицкоски.

Оваа акција е првото ветување на новоизбраниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој најави дека во рок од 72 часа ќе биде исчистен секој агол на Скопје.

„Скопје повеќе нема да живее во запуштеност, туку во град достоен за своите граѓани. Почнуваме веднаш – со чистење, ред и дисциплина“, изјави Ѓорѓиевски претходно денес.
извор: slobodenpecat.mk


