Денес, бугарскиот парламент донесе закон со кој рафинеријата на руската групација Лукоил во Бургас, на Црното Море, се става под државна контрола.
Ова е последица на американските санкции воведени во октомври против овој руски нафтен гигант, што ја загрижи бугарската влада дека руската рафинерија, најголемата компанија во Бугарија со промет од 4,68 милијарди евра во 2024 година, ќе мора да се затвори според санкциите.
Американските санкции, кои ќе стапат во сила на 21 ноември, „ќе доведат до прекин на работењето на рафинеријата (…) поради одбивањето на сите страни да вршат плаќања на компаниите што припаѓаат на Лукоил“, објаснија членовите на мнозинската партија кога го поднесоа предлог-законот, кој беше усвоен по забрзана постапка.
Лукоил индиректно поседува 99,85 проценти од рафинеријата Нефтохим во Бургас.
Бугарската влада ќе назначи посебен менаџер за управување со компанијата. Тој ќе биде овластен, со одобрение од Владата, да продава акции „по евалуација на пазарот“, одлучија бугарските пратеници.
За време на дебатата, опозицијата го обвини владејачкото мнозинство дека го забрзало усвојувањето на законот и дека состанокот на собраниската Комисија за енергетика траел едвај 30 секунди.
Тие, исто така, изразија загриженост за можноста администраторот да ги продаде акциите, бидејќи тоа би можело да доведе до судска постапка против Бугарија, објави Бета.


