Илон Маск, извршен директор на Тесла, е еден од најбогатите луѓе во светот. И покрај ова, американскиот милијардер честопати истакнува дека води претежно негламурозен живот.
Во 2021 година, Илон Маск изјави дека живее во куќа вредна околу 50.000 долари во Тексас. Неговата поранешна партнерка, пејачката Грајмс – со која има две деца – во интервју за „Венити фер“ во 2022 година рече дека Маск не води луксузен живот каков што многумина претпоставуваат.
Тој порано имал импресивно портфолио на недвижнини. „Волстрит џурнал“ објави во 2019 година дека потрошил околу 100 милиони долари во текот на претходните седум години на седум куќи во ексклузивната населба Бел Ер во Лос Анџелес, повеќето од нив на неколку минути пешачење една од друга. Неговите имоти имале базени, тениски терени, винарски визби, приватни библиотеки и балски сали.
Сепак, во 2020 година, Маск се предомислува. Тој објавил дека ќе ги„продаде речиси сите физички средства“ и дека „нема да поседува ниту една куќа“.
„Не ми требаат пари. Се посветувам на Марс и Земјата. Имотот само те оптоварува“, објасни тој во тоа време.
Една година подоцна, тој откри на социјалните мрежи дека неговиот „примарен дом“ е скромна монтажна куќа вредна околу 50.000 долари.
Следната година, тој додава дека всушност не поседува куќа, наведувајќи го ова како доказ за тоа колку малку се неговите лични трошоци и покрај неговото огромно богатство.
Иако неговиот секојдневен дом не е раскошен, Маск е познат по својата страст кон необични автомобили – вклучувајќи и еден што може да се претвори во подморница. Тој, исто така, поседува неколку приватни авиони вредни повеќе милиони долари, пишува српски Курир.


