Големи промени за Евровизија 2026: Построг кодекс за учесниците, жири и во полуфинале

Европската радиодифузна унија (EBU) најави серија промени во правилата за гласање за Евровизија 2026, со цел да се зголемат довербата, транспарентноста и фер условите во натпреварот. Меѓу најголемите измени се враќањето на жири-комисиите во двете полуфиналиња и преполовувањето на максималниот број гласови што може да ги даде гледачот.

Жирито се враќа во полуфиналните вечери

По четири години пауза, од 2026 година во полуфиналињата повторно ќе важи системот 50/50 – еднаков удел на жири-гласови и televoting. Со тоа, полуфиналињата ќе го следат моделот што веќе одамна важи за големото финале.

Паралелно, EBU го зголемува бројот на членови во секое национално жири од пет на седум, а се проширува и професионалниот профил. Во жири-комисиите ќе можат да седат музички новинари, критичари, професори по музика, кореографи, режисери и други професионалци од индустријата.

Со цел да се одрази популарноста на Евровизија кај младата публика, секоја земја ќе мора да има најмалку два члена на возраст меѓу 18 и 25 години. Сите членови ќе потпишуваат изјава за независност и непристрасност и нема да смеат да откриваат свои фаворити пред завршувањето на натпреварот.

Построги ограничувања за televoting

EBU го редизајнира и системот за гласање на публиката. Наместо досегашните 20 гласа по еден начин на плаќање (онлајн, СМС или телефон), од 2026 гледачите ќе можат да испратат најмногу 10 гласа.

Целта на мерката е да се намали концентрацијата на огромен број гласови во рацете на мал број фанови и да се поттикне „пораспределена“ поддршка меѓу артистите. Со тоа, EBU очекува порамноправна трка и поголема вклученост на пошироката публика.

Изјавата на директорот на Евровизија

Мартин Грин, директорот на Евровизија, нагласи дека новите правила се воведуваат по бројни анализи и реакции од јавноста.
„Слушавме и делувавме. Неутралноста и интегритетот на Евровизија се од најголемо значење. Мораме секогаш да ја заштитиме праведноста на натпреварот“, изјави тој.

Грин додаде дека мерките имаат за цел да обезбедат натпреварот да остане „прослава на музиката, креативноста и заедништвото“.

Построг кодекс за учесниците и забрана за промотивни кампањи

Во пакетот измени EBU го заострува и Кодексот на однесување за земјите-учеснички. Телевизиски куќи и артисти нема да смеат да учествуваат, поддржуваат или придонесуваат кон промотивни кампањи на трети страни, особено кога станува збор за влади или државни агенции.

Овие интервенции треба да спречат нефер влијание врз гласањето и политизирање на натпреварот. Секој обид за надворешен притисок ќе може да биде санкциониран според новиот правилник.

„Фокусот мора да остане на музиката и сценскиот настап. Иако веруваме дека резултатот во 2025 беше валиден, новите мерки ќе обезбедат уште поголеми гаранции за фер-плеј и сигурност дека секој глас е навистина важен“, истакна Грин.

извор:Frontline.mk

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести