Белгија парализирана од генералниот штрајк

Children run and play in the departures terminal as most flights are cancelled at Brussels International Airport in Zaventem, Belgium, Tuesday, Oct. 13, 2025 due to a general strike. (AP Photo/Virginia Mayo)

Во Белгија денеска се одржува 24-часовен генерален штрајк, со кој ќе заврши серијата на штрајкови во организацијата на трите најголеми белгиски синдикати што започна во понеделникот.

За разлика од вообичаената пракса, на денешниот генерален штрајк не беше организиран протестен марш на работниците од цела Белгија низ улиците на Брисел, но сепак ширум земјата се одржаа собири и блокади на институции и патни правци. Покрај вработените во јавниот сектор, кои делумно штрајкуваа и во претходните два дена, на денешниот протест се приклучија и поглем број работници од приватниот сектор.

Генералниот штрајк го организираат Конфедерацијата на христијанските синдикати (ЦСЦ/АЦВ), Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ/АБВВ) и Генералната конфедерација на либералните синдикати на Белгија (ЦГСЛБ/АЦЛВБ) во знак на протест поради социо-економските реформи на белгиската Федерална влада, кои, според нив, влијаат на висината на пензиите и платите и на условите за работа.

Трите синдикати нагласуваат дека штрајкот е „неопходен чекор“, со цел да се натераат белгискиот премиер Барт де Вевер и неговата Влада „да стават крај на социјалното распаѓање“. Синдикатите обвинуваат дека со владините мерки се намалуваат пензиите и социјалната поддршка, се зголемува ДДВ-то и, како што тврдат, се ограничуваат правата на работниците. Меѓу синдикалните барања, покрај откажување од овие мерки, се и воведување „даноци за богатите и дигиталните гиганти“ и укинување на „безусловните субвенции за големи компании“.

Во рамки на генералниот штрајк, претпладнево група синдикални активисти ги блокира приодите до најголемото пристаниште во Белгија во Антверпен, попречувајќи го пристапот камиони и возила кон објектот.

Полицијата соопшти дека на една од блокадите дошло до инцидент, кога синдикални активисти физички нападнале двајца велосипедисти кои се обиделе да поминат преку блокираниот пат. По интервенција на полицијата демонстрантите се согласиле да им дозволат на велосипедистите да стигнат до своето работно место по заобиколен пат.

По повеќечасовен протест, синдикалните активисти попладнево ги деблокираа приодите кон пристаништето.

Гранскиот синдикат за образование соопшти дека во штрајкот во образовниот сектор, што започна вчера, учествуваат над 25.000 вработени во образовните институции.

МИА

Најчитани вести