Руските власти забранија организирање детски одмори на Крим поради влошената безбедносна состојба

Властите поставени од Москва на окупираниот украински полуостров Крим денеска го забранија организирањето одмори за деца на црноморскиот полуостров до 1 септември, повикувајќи се на актуелната безбедносна состојба.

„Овие мерки се неопходни за одржување на јавната безбедност“, напиша на Телеграм, Сергеј Аксјонов, политички лидер на Крим назначен од Москва. Тој побара разбирање од јавноста.

Украинските напади со беспилотни летала предизвикаа сериозен недостиг на гориво во регионот. Претходните ограничувања за продажба на гориво на приватни возачи сега се заменети со целосна забрана.

Регионалниот снабдувач со електрична енергија „Крименерго“ најави распоред на прекини во снабдувањето со струја, што ќе влијае и врз водоснабдувањето.

Украина, со поддршка од западните сојузници, од февруари 2022 година се брани од целосната руска инвазија.

Во интервју дадено пред една седмица, украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров изјави дека има намера да го изолира полуостровот преку напади со беспилотни летала.

Според него, украинските напади врз руските линии за снабдување отвораат „прозорец на можности“.

– За Русите започнува пекол што тешко ќе можат да го надминат –  изјави Федоров.

МИА

Најчитани вести