„Жолто“ ниво на предупредување од поплави во Македонија

Издадено „жолто“ ниво на предупредување од поплави од Управата за хидрометеоролошки работи. Предупредувањето е издадено поради постоење на потенцијална опасност од излевање на реките по обилните дождови кои ја зафатија Македонија.

Во моментов состојбата со врнежите од дожд е стабилна, велат од Центарот за управување со кризи, од каде апелираат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот и утрешниот ден. Од таму ги посочуваат регионите кои се потенцијално загрозени.

Согласно информациите од УХМР, се очекува зголемување на водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар, во сливот на реката Треска, реката Радика, реката Сатеска, во сливот на реката Коселска, како и на водотеците во Охридско-Преспанскиот регион. Зголемување на водостојот се очекува и на реката Лепенец, на водотеците и суводолиците кои доаѓаат од Шар Планина, како и во сливот на реките Пчиња и Струмица. Поради високото ниво на подземни води, на одредени места е можна нивна интеракција со површинските води и појава на заезерување. 

Хидролошката состојба на акумулациите по брегалничкиот слив засега е стабилна, оценува раководителот на кочанската подружница на Водостопанство, „Брегалница“, Горан Зашов.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да патуваат внимателно во следните денови, и само доколку е неопходно, со соодветна зимска опрема, особено на повисоките места и планинските превои бидејќи можно е да се формираат навеви од снег и одредени патни правци во одредени периоди да бидат непроодни. Потсетуваат и дека лицата кои живеат на повисоки места треба навремено да се снабдат со основни намирници-храна и лекови.

извор: 24.mk

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести