Синот и таткото ја напуштиле државата, МВР поднесе кривични пријави против четири лица за вчерашната сообраќајка кај „Зебра“

СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на ул. „Народен фронт“ во Скопје.

Oколу 11:30 часот патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 18 годишник удрил во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а тинејџерот со возилото избега од местото на настанот.

Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 45-годишен маж од Скопје, а управувано од неговиот 18-годишен син.

Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму бил затекнат 6-годишен маж кој веднаш бил приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор.

Утврдено е дека возачот и неговиот татко со помош на две лица на возраст од 45, односно 53 години од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. 

Помагачите се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител  во извршено кривично дело“ по чл.365 ст.2 а во врска со чл.300 и 301 од КЗ.

Против 18 годишниот возач е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл.300 ст.2, а во врска со чл.297 ст.1 од КЗ и за ,,неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода” по чл.301 ст.2, а во врска со чл 300 ст.2 од КЗ и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на неговиот татко.

За двете лица распишана е потерница, а пронајдени се возилото „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и возилото „мерцедес“ со кое синот и таткото ја напуштиле државата.

И двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести