Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Бислимовски

Спорна лиценца на фирма во сопственост на Љупчо Пецов – Ѓаволот за вршење енергетска дејност и трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати  е причината поради која е поднесена кривична пријава против претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски.

Од Финансиската полиција, која го води случајот, информираат дека првиот човек на Регулаторна ја злоупотребил службената положба и постапил спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци и  со тоа, на компанијата „Тритерол петрол“ ѝ било овозможено да продолжи со работа уште околу 15 месеци по истекот на законските услови, како и да учествува и склучува договори во постапки за јавни набавки.

„Пријавениот М.Б., во својство на претседател на РКЕ, ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, иако бил должен да започне постапка за одземање на лиценцата за вршење енергетска дејност – трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, односно трговија на големо со еуродизел, биодизел, еуросупер БС-95, екстралесно масло и течен нафтен гас на правното лице ‘Тритерол петрол‘ ДООЕЛ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката. Наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, таа била одземена дури на 14.04.2025 година“, велат од Финансиската полиција.

Од Регулаторната комисија децидно тврдат дека постапувале согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, првиот човек Беслимовски вели дека се запазени сите правни регулативи за време на постапката. 

Инаку, по две години бегство Пецов е во куќен притвор откако сам се предаде, но и откако во притвор заврши неговиот адвокат и поранешен правобранител Фехми Стафа за земање поткуп…Пецов и неговото семејство претходно беа осудени и во случајот „Керозин“ од пред десет години бидејќи нивната фирма „Алма комерц“ точела помалку нафта отколку предвиденото со тендерите кои оваа фирма ги добивала.

извор: 24.mk

Најчитани вести