Соединетите Држави соопштија дека привремено ќе дозволат продажба на руска нафта што моментално се наоѓа на море. Целта е да го намалат притисокот врз цените предизвикан од недостигот поврзан со нападите на САД и Израел врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Министерството за финансии на САД објави дека издало лиценца со која се дозволува продажба на руска сурова нафта и нафтени производи што биле натоварени на бродови до 00:01 часот на 12 март, во траење од 30 дена, до 11 април.
„Со цел да се зголеми глобалниот дострел на постојното снабдување, Министерството за финансии дава привремено овластување за да им дозволи на земјите да купуваат руска нафта што моментално се наоѓа на море“, рече министерот за финансии Скот Бесент на платформата X.
Тој додаде дека оваа „тесно дефинирана, краткорочна мерка се однесува само на нафта што веќе е во транзит“ и дека нема да донесе „значајни финансиски придобивки за руската влада“.
Овој потег дојде еден ден откако Министерството за енергетика на САД соопшти дека САД ќе ослободат 172 милиони барели нафта од Стратешките резерви на нафта во обид да ги ублажат растечките цени на нафтата по војната во Иран. Тоа е дел од поширок потег на 32-члената Меѓународна агенција за енергетика (ИЕА) за ослободување на 400 милиони барели нафта.
Повеќе на РСЕ


