Судот на Малезија денеска нареди поранешниот премиер Наџиб Разак, кој е во затвор од 2022 година, да плати 1,3 милијарди долари на поранешната филијала на државниот фонд „1Малезија девелопмент берхард (1МДБ), кој беше вмешан во корупција.
Врховниот суд во Куала Лумпур пресуди дека Разак е одговорен за загубите што ги претрпе „СРЦ интернешнл“, поранешна подружница на 1МДБ односно поранешниот премиер ја злоупотребил власта и средствата од СРЦ ги користел за лична корист.
Разак отслужува затворска казна од август 2022 година откако беше прогласен за виновен за корупција и за перење на пари. Тој исто така треба да плати и парична казна во висина од 12,4 милиони долари.
Малезиските и американските истражители тврдат дека најмалку 4,5 милијарди долари биле украдени од државниот фонд 1МДБ, формиран во 2009 година, а коосновач беше Наџиб. Во декември, Наџиб беше осуден на уште 15 години затвор и казнет е со 2,8 милијарди долари за злоупотреба на службена должност и перење пари во најголемиот корупциски скандал. Тој негира какво било кривично дело и се жали на пресудата.
МИА


