Премиерот Христијан Мицкоски изнесе остра реторика кон опозицијата и јасна порака за позицијата на Владата во однос на евроинтеграциите – без гаранции за македонскиот идентитет и правата на Македонците во Бугарија, нема напредок.
Во изјава за медиумите, Мицкоски го обвини СДСМ дека процесот на евроинтеграции го сведува на „распродавање на македонскиот идентитет“ и „удар врз националното ткиво“, оценувајќи дека таквиот пристап ја загрозува државната стратегија.
– Начинот на кој СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси е исклучиво распродавање на македонскиот идентитет и удар врз ткивото. Тоа е мекото ткиво на македонскиот идентитет и со такви политики се загрозува стратегијата што ја градиме како Влада – изјави премиерот.
Тој рече дека следбениците на живковизмот денеска слават во Бугарија поради тоа што, како што истакна, во Македонија сѐ уште има политичари кои водат такви политики.
Мицкоски нагласи дека без ВМРО-ДПМНЕ не може да се носат клучни одлуки за европскиот пат на државата и порача дека Владата нема да прифати никакви компромиси без јасни гаранции.
– Сите во светот треба да знаат дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. Нема да влеземе во каква било авантура сè додека нема јасен крај и гарантирани човекови права за македонската заедница кај нашиот источен сосед – рече тој.
Премиерот потенцира дека Владата останува на цврста позиција и дека нема да се направи отстапка.
– Нема да се поместиме ни милиметар. Ќе чекаме. Македонскиот идентитет нема веќе да биде распродаван – истакна Мицкоски.
Извор – Слободен печат


