„Што е тоа што ние имаме во бизнисот? Ние имаме поединечни успешни примери кои се исклучок од просечноста. Е токму тие успешни примери по правило, кај нас се „сомнителни ликови“ за јавноста и потенцијални противници на секоја политичка номенклатура. Наместо да станат пример за секој млад човек, тие личности се изложени на јавната сцена како објекти кои треба да се правдаат зашто се успешни. Звучи неверојатно, но вистинито“.
Ова е само една од констатациите на првиот човек на Стопанска комора на Северна Македонија, Бранко Азески од своето долгогодишното искуство и раководење со Стопанската Комора но и како иницијатор на неколку успешни идеи и институции кои ги изградил од нула.
„Најмногу се гордеам со институциите што сум ги изградил од нула, а денеска имаат признато место во бизнисот како што се ГС1 Македонија, организација за доделување и управување со бар кодовите за нумерирање на артикли, Македонското кредитно биро, Советот за странски инвестиции, Македонската енергетска асоцијација, Комората на иднината и многу други проекти кои се во тек“ – вели Азески.

На ФБ страната на Стопанската комора на СМ, секојдневно Азески преку своите согледувања на состојбата во стопанството, го потенцира значењето на бизнис секторот за развој на државата. Нудејќи идеи и предлози директно до надлежните институции.
Јас ја водам комората со цел бизнисот да биде ослободен од сите административни бариери што ја попречуваат конкуренцијата на пазарот и оневозможуваат создавање на повисок профит за компаниите. Непримерно е компаниите да комуницираат директно и во лични контакти со високи претставници во извршната власт за да решат некој тековен проблем. Нашата главна цел како Комора е да бидеме гласот на компаниите. Ние сме во служба на компаниите и нашата улога е да создадеме услови и претпоставки за фирмите да имаат подобри услови за работа. Нашата основна функција е да им помогнеме на компаниите за две клучни прашања: подобрување на нивната конкурентна способност која се верификува преку поголем извоз. Второто е зголемување на профитите.
Азески се осврнува и на миното, потсетувајќи се’ каде сме погрешиле изминатите 30 години од осамостојувањето на Македонија.
Да мислиш дека не си згрешил е состојба во која ти нема помош. И јас не можам со сигурност да кажам дали грешиме во моментот но, за пред 30 години со сигурност може да се каже дека згрешивме во нашата неодлучност до крај како ќе се поставиме спрема распаѓањето на СФРЈ и предолго тактизиравме со што ја изгубивме предноста да влијаеме на процесите. Сигурно згрешивме и со тоа што на почетокот на градењето на сопствената држава не го повикавме целокупниот македонски човечки капитал во светот да дојде и да се вклучи во градењето на сопствената држава која што ја создадовме после 100-тици години и со огромен број жртви. И трето, со сигурност може да се каже дека згрешивме што не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби. Што значи ги продолживме делбите, а не направивме ништо за да се сплотиме околу неколку фундаментални принципи.


