Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува во услови на најголем пад на медиумските слободи во последните 25 години

Со најниско ниво на слобода на говор во последните 25 години, новинарите го одбележуваат Светскиот ден на слободата на медиумите. Само во 2025 година, поради воени конфликти, загинале најмалку 128 новинари и медиумски работници, од кои најмалку 10 жени.

Според последниот извештај на Репортери без граници, се алармира за ширење дезинформации, пад на професионалните стандарди, несоодветен однос на политичките актери кон новинарите и намалена доверба на јавноста во медиумите.

 Репортери без граници

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, стои во соопштението.

Македонија бележи значителен пад кога станува збор за слободата на медиумите. Во Индексот на слободата на  Репортери без граници за 2026 година, земјата е рангирана на 45. место од 180 држави, додека во 2025 година била на 42. место. Според извештајот, најголем проблем е економската зависност на медиумите, ограничените ресурси и слабите услови за независно и истражувачко новинарство.

Репортери без граници

„Еден од најголемите проблеми е економската ранливост на медиумите. Зависноста од политички и бизнис центри на моќ ги ограничува ресурсите за независно и истражувачко новинарство“, се вели во извештајот.

Од Европски парламент велат дека новинарите мора да ја вршат својата работа безбедно, без закани, застрашување и опасност по животот.

Европски парламент

„Новинарството не е само работа, тоа е јавен сервис, столб на нашата демократија и затоа вашиот збор е толку важен. Тоа го покажавме преку европскиот Закон за слобода на медиумите и преку анти-SLAPP законите кои спречуваат злоупотреба на судски случаи насочени против новинарите“, велат од Европскиот парламент.

Од УНЕСКО алармираат дека слободата на медиумите бележи најголем пад од 2012 година наваму и предупредуваат на сериозни закани за информацискиот екосистем.

„Манипулацијата со информации, вклучително и употребата на вештачката интелигенција од страна на злонамерни актери, ја ослабува довербата и националната безбедност. Истовремено, независните медиуми се соочуваат со сè поголема економска кревкост. Самоцензурата порасна за повеќе од 60 отсто, поттикната од страв од одмазда, онлајн вознемирување, судско заплашување и економски притисок“, наведуваат од УНЕСКО.

Европската Унија исто така порача дека новинарите мора да бидат заштитени во секој момент, предупредувајќи дека 2025 година била најсмртоносна за медиумските работници на глобално ниво.

Европска Унија

„Владите мора да воспостават цврста правна рамка за да ги заштитат новинарите од злоупотреба на судските постапки. Ограничувањето на мрежите на странски дописници остава поголем простор за ширење опасни и непроверени информации“, се додава во соопштението на ЕУ.

Во регионален контекст, најдобро рангирани се Словенија (36. место) и Црна Гора (41), додека Хрватска (53), Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86) се во категоријата „проблематични“. Како „тешка“ се оценува состојбата во Босна и Херцеговина (90) и Србија (104).

Извор – 24ТВ

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести