Мистериозен пораст на неизлечивиот рак на дојка кај помладите жени предизвикува тревога кај експертите

Голема американска студија покажа дека дијагнозите на рак на дојка во стадиум 4, кога болеста се проширила во телото и повеќе не може да се излекува, се зголемиле за речиси 18 проценти во последната деценија. Причините за ваквата ситуација засега не им се јасни на научниците, но наведуваат неколку можни фактори.

Мистериозниот пораст на неизлечивиот рак на дојка кај помладите жени предизвика тревога кај експертите. Една голема американска студија покажа дека дијагнозите на рак на дојка во стадиум 4 (кога болеста веќе се проширила во телото и повеќе не може да се излекува), се искачиле за речиси 18 проценти во текот на последната деценија.

Најголем пораст е забележан кај жени под 40 години и покрај тоа што ракот на дојката традиционално е почест кај постарите пациенти. Особено загрижувачко е зголемувањето на тројно негативните тумори, една од најсмртоносните и најтешки за лекување форми на ракот, која убива девет од десет пациенти кога ќе се дијагностицира во напредна фаза.

Извор: „Дејли мејл“

Научниците сè уште не ја разбираат причината за овој тренд, но ги посочуваат како можни фактори промените во скринингот, растечката дебелина, фактот што жените родиле деца подоцна во животот и изложеноста на хемикалии, што го нарушуваат ендокриниот систем, пронајдени во пластиката.

„Денес, во САД има речиси 170.000 жени што живеат со напреднат рак на дојка, а се очекува бројот значително да стане поголем во следната деценија“, предупредува д-р Лорен К. Пињеиро, интернист во медицинскиот центар „Вајл Корнел“ во Њујорк, која не учествувала во студијата, за британски „Дејли мејл“, и додава:

„Авторите инсистираат итно да се идентификуваат причините за зголемените дијагнози во напредна фаза, што треба да послужи како повик за дополнителни истражувања за здравјето на населението во оваа растечка група пациенти“.

Според Американското здружение за рак, секоја година речиси 322.000 жени во САД се дијагностицирани со рак на дојката, а приближно 42.000 умираат од оваа болест. Околу шест проценти од случаите се веќе во стадиум 4, што значи дека ракoт веќе се проширил на други органи, како коските, белите дробови, црниот дроб или мозокот.

Новата студија, објавена во JAMA Network Open, ги анализирала податоците од 761.471 пациент со рак на дојка од 2010 до 2021 година, од кои 99 проценти биле жени. Речиси 43.934 пациенти (приближно пет отсто) биле дијагностицирани во стадиум 4 при поставувањето на дијагнозата.

Извор: „Дејли мејл“

Истражувачите откриле дека стапката на ваквото задоцнето откривање на оваа болест се зголемила од 9,5 на 100.000 жени во 2010 година на 11,2 на 100.000 во 2021 година, што претставува просечен годишен пораст од 1,2 процент. Кај жени под 40 години дијагнозите се зголемиле од 3,1 проценти годишно, речиси трипати повеќе од просекот.

Дополнително, тројно негативните карциноми станале помногубројни за 2,7 проценти годишно. Тројно негативниот рак е особено опасен бидејќи туморите не реагираат на стандардните терапии, кои се ефективни кај другите форми на рак.

Студијата откри и дека дијагнозите во стадиум 4 кај мажите со рак на дојка се зголемиле за 3,7 отсто годишно, иако тие сочинуваат мал дел од случаите.

Истражувачите наведуваат неколку можни причини за овој раст: жените што раѓаат деца подоцна во животот имаат поголем ризик бидејќи бременоста помага клетките на дојката да созреат и да станат помалку ранливи на канцерогени промени; зголемената дебелина, која предизвикува воспаление и менување на хормоналните нивоа, исто така го зголемува ризикот; изложеноста на хемикалии што ги нарушуваат хормоните, како што се оние во пластиката и микропластиката, се истражуваат како потенцијални фактори за оштетување на ткивото на дојката.

Пињеиро нагласува и дека младите пациенти со напреднат рак на дојка се соочуваат со големи финансиски, емоционални и социјални предизвици балансирајќи го лекувањето со работата и семејните обврски, а се справуваат и со ментални проблеми, како депресија.

„Овие наоди ја алармираат потребата не само да се утврдат причините за порастот на метастатскиот рак на дојка, туку и да се најдат начини за подобра поддршка на комплексните потреби на оваа растечка група пациенти. Ги охрабруваме тимовите за онколошка нега да спроведат рутински скрининг за социјалните и здравствените потреби на пациентите со метастатски рак на дојка“, потенцира таа.

Според македонскиот Институт за јавно здравје, ракот на дојката е најчесто дијагностициран рак кај жените во светот сочинувајќи 25 % од сите случаи и е една од водечките причини за смрт (14 %). Жените дијагностицирани со рак на дојка сочинуваат 36 % од сите пациенти со рак. Во 2022 година имало речиси 2,3 милиони жени дијагностицирани со рак на дојка и 670.000 смртни случаи на глобално ниво. Ракот на дојка се јавува во секоја земја во светот кај жени на која било возраст по пубертетот, но со зголемување на стапките во подоцнежниот живот.

Глобалните процени откриваат впечатливи нееднаквости во оптоварувањето со ракот на дојка според човечкиот развој. На пример, во земјите со многу висок индекс на човечки развој (HDI) 1 од 12 жени ќе биде дијагностицирана со рак на дојка во текот на животот, а 1 од 71 жена ќе умре од болеста. Tука спаѓаат Белгија, Данска, Холандија, Германија и Обединетото Кралство. Најниските стапки се забележани во регионите на Африка и Југоисточна Азија. Во овие региони кај 1 од 27 жени се дијагностицира рак на дојка во текот на животот, а 1 од 48 жени умира од него. На пример, јапонските жени што емигрираат во Соединетите Американски Држави почнуваат да имаат ризици од рак на дојка, кои се приближуваат до оние забележани во нивното ново место на живеење, што укажува дека факторите на животната средина исто така играат клучна улога.

Според податоците за 2024 година, во нашата земја годишно се јавуваат меѓу 800 и 100 нови случаи на рак на дојка. Годишно умираат приближно 300 жени. Ракот најчесто се јавува кај жени на возраст меѓу 50 и 69 години, но сè повеќе е присутен и кај помладите. Редовните прегледи и раното откривање сè уште се сметаат за најдобар лек.

Според извештајот на ИЈЗ за рак до 2023 г., инциденцата на рак на дојка кај жените во нашата земја изнесува 47,8 на 100 000, а смртноста е 17,1, на 100 000. 

Бранка Д. НАЈДОВСКА

МИА

Најчитани вести