Бројот на физички и вербални напади врз членови на политички партии и политичари во Германија во текот на изминатата година забележа драматичен пораст, при што најчеста мета биле претставниците на десно-популистичката Алтернатива за Германија (АфД), покажуваат денеска објавените официјални податоци.
Германската полиција лани евидентирала вкупно 5.140 напади врз политичари, што претставува зголемување од 40 отсто во споредба со 2024 година, стои во одговорот на сојузната влада на пратеничко прашање упатено од пратеничката група на АфД во Бундестагот. Како една од главните причини за ваквиот тренд се наведува силно емотивно наелектризираната општествена клима за време на изборната кампања на почетокот на 2025 година.
Најмногу напади биле насочени против претставниците на АфД (вкупно 1.852 напади), при што полицијата во најголем дел ги припишува напаѓачите на левичарската радикална сцена. „Кога членовите на АфД и нивните гласачи континуирано се навредуваат и кога им се оспорува моралот, тогаш никој не треба да се чуди што непријателите на демократијата го сфаќаат тоа како дозвола за употреба на насилство против партијата“, изјави пратеникот на АфД, Мартин Хес, коментирајќи го владиниот извештај.
На второ место по бројот на инциденти се наоѓаат политичарите од владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), врз кои биле извршени 1.171 напад. Ова воедно претставува и најголем скок во споредба со 2024 година, кога врз нив биле регистрирани 420 напади. Во изминатата година, единствено кај претставниците на партијата на Зелените е забележан помал број на напади во споредба со претходната година.
АфД во моментов води во сите анкети на јавното мислење пред второпласираната Унија ЦДУ/ЦСУ. Во септември во источногерманските сојузни покраини Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија се одржуваат локални избори, на кои анкетите предвидуваат убедлива победа на АфД.
МИА


