Шји Џјинпинг и Владимир Путин се сретнаа во Пекинг, договорено продолжување на договорот за пријателство

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска во големата сала на народот во Пекинг се сретна со својот руски колега Владимир Путин, кој престојува во официјална посета на земјата, при што двете страни се договорија за идно продолжување на договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Кина и Русија – јави агенцијата „Синхуа“.

Шји истакна дека со оваа средба се одбележуваат 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство за координација меѓу Пекинг и Москва и 25-годишнината од потпишувањето на договорот за добрососедство и пријателско соработка меѓу двете земји.

Според кинескиот лидер, односите стигнале до ова ниво чекор по чекор токму затоа што двете страни ја продлабочувале меѓусебната политичка доверба и стратешката координација со непоколеблива стабилност, ја проширувале соработката кон нови врвови и ја штителе меѓународната правда промовирајќи изградба на заедница со заедничка иднина за човештвото.

– Како постојани членки на Советот за безбедност на ОН и важни големи земји во светот, Кина и Русија треба да заземат стратешка и долгорочна перспектива, да се стремат кон развој и заживување на нашите земји преку сеопфатна стратешка координација со уште повисок квалитет и да работат на тоа глобалниот систем на управување да го направат поправеден и поразумен – додаде Шји.

Тој посочи дека меѓусебната политичка доверба продолжува да се продлабочува, а соработката во областите, како што се трговијата, економијата, инвестициите, енергијата, науката и технологијата, како и контактите меѓу луѓето и на регионално ниво, продолжуваат да се развиваат бргу, со што врските меѓу двата народи станале уште посилни.

Рускиот претседател Путин, од своја страна, изрази задоволство од односите без преседан меѓу Русија и Кина, пренесуваат руските медиуми.

– Нашите односи денес достигнаа ниво без преседан нудејќи вистински глобален модел на партнерство и стратешка соработка – изјави Путин. 

МИА

Најчитани вести