Демонстранти во Конго запалија центар за ебола по спор со властите за тело на починат

Демонстранти во источниот дел на Демократска Република Конго запалија два болнички шатори за лекување ебола по спор со властите околу предавањето на телото на млад човек кој починал од оваа болест, соопштија локалните власти.

Локалниот политичар Лук Мамбеле, потпретседател на конгоанската партија А2РЦ, изјави дека роднините на починатиот се обиделе со сила да го земат телото од болницата Руампара. Кога здравствените власти го одбиле тоа, членовите на семејството почнале да фрлаат предмети кон болничките шатори, по што избил пожар. Во шаторите на медицинската организација „Алијанса за меѓународна медицинска акција“ во моментот на нападот се лекувале шест пациенти со ебола, кои веднаш биле префрлени на безбедно во внатрешноста на болницата.

Во земјата моментално се шири сојот на ебола Бундибуџо (Bundibugyo), за кој нема специфично лекување ниту вакцина, што предизвика меѓународна јавноздравствена тревога. Властите на ДР Конго соопштија дека најмалку 160 смртни случаи се поврзуваат со оваа болест, со дополнителни 13 потврдени и 78 сомнителни случаи во провинцијата Итури.

Мамбеле предупреди дека инцидентот покажува колку се раширени дезинформациите во заедницата, каде што многу жители веруваат дека „еболата е измислица на белиот човек и дека не постои“.

Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата за вонредна состојба од меѓународно значење, но наведе дека глобалниот ризик останува низок. Портпаролот на владата на ДР Конго, Патрик Мујаја, најостро го осуди нападот.

МИА

Најчитани вести