Американските конгресмени повторно предлагаат трајно воведување на летното сметање на времето

Летното сметање на времето би можело да остане во сила во текот на целата година во САД, според новиот предлог-закон во Претставничкиот дом кој вчера ја оживеа идејата за укинување на полугодишното поместување на стрелките на часовникот.

Комисијата за енергетика и трговија при Претставничкиот дом гласаше со 48 гласа „за“ и само еден „против“ за таканаречениот „Закон за заштита на сонцето“, со кој оваа промена најверојатно би се имплементирала како дел од петгодишниот закон за транспорт. Поддржувачите на мерката тврдат дека поместувањето на времето предизвикува нарушувања на сонот, зголемен број повреди на работното место и повеќе сообраќајни несреќи, нагласувајќи дека подолгите денови во вечерните часови ќе ја поттикнат економската активност во зима.

Американскиот претседател Доналд Трамп го пофали гласањето на социјалните мрежи, порачувајќи дека е време луѓето да престанат да се грижат за часовникот и да се запре со оваа „смешна продукција двапати годишно“ која троши многу труд и пари.

Предлогот сега треба да го помине Претставнички дом, по што ќе се најде пред Сенатот, каде што веќе се соочува со противење од републиканецот Том Котон и други сенатори. Котон предупреди дека мерката ќе резултира со апсурдно доцно изгревање на сонцето во зима, поради што децата во голем дел од земјата ќе мора да одат на училиште во мрак. Законот, сепак, предвидува сојузните држави сами да одлучат кое сметање на времето ќе го применат. Летното сметање на времето низ целата година последен пат беше воведено во САД во 1974 година за време на енергетската криза, но брзо беше укинато поради незадоволство кај граѓаните. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести