„Спејс Икс“ го одложи лансирањето на мега-ракетата „Старшип“ во последната минута

Компанијата „Спејс Икс“ синоќа го прекина тест-лансирањето на својата најнова и најголема ракета „Старшип“ на само триесетина секунди пред планираното полетување, поради серија технички проблеми во завршната фаза од одбројувањето.

Ракетата, висока 124 метри, требаше да полета од лансирниот комплекс „Старбејс“ во Тексас и да изведе суборбитален лет на траекторија која се протега околу половина од Земјината топка. Сепак, непосредно пред полетувањето, се појавиле технички проблеми на новата лансирна рампа лоцирана во близина на границата со Мексико, поради што контролата на мисијата остана без време за маневрирање.

„Причина за прекинот беше механички дефект, односно тоа што не се повлече хидрауличниот клин кој го држи лансирниот механизам на место. Доколку проблемот биде брзо отстранет, новиот обид за лансирање би можел да се реализира уште во текот на денешниот ден“, појасни извршниот директор на „Спејс Икс“, Илон Маск.

Овој прекин се случи само еден ден по најавата на Маск дека неговата ракетна компанија планира да излезе на берзата.

Новата верзија на „Старшип“ носи 20 пробни сателити од мрежата „Старлинк“, кои треба да бидат исфрлени во орбитата пред контролираното паѓање на леталото во Индискиот Океан по приближно едночасовен лет.

Ова е 12-ти тест-лет на системот „Старшип“ и прв по паузата од минатата есен. Американската вселенска агенција НАСА сериозно смета на оваа нова верзија на леталото како клучен елемент за идните мисии за слетување астронаути на Месечината.

МИА

Најчитани вести