Вучиќ за Блумберг: Европа ја губи економската конкурентност поради протекционизмот, Србија зајакнува врски со Кина и со САД

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за Блумберг дека „Европа ја губи економската конкурентност и оди кон пропаст“ поради протекционизмот, додека Србија останува на патот кон ЕУ, но во исто време ја зајакнува соработката со Кина и САД и „не може да чека засекогаш“ за членство.

Вучиќ во интервјуто истакна дека Србија стана една од клучните влезни точки за кинески инвестиции во Европа. Според него, во последните години во Србија се инвестирани милијарди долари во различни сектори – од рударство до напредни технологии, вклучувајќи хуманоидни роботи.

Тој изјави дека за време на неговата неодамнешна посета на Кина, обезбедил повеќе од една милијарда долари инвестициски ветувања за Србија и дека кинеските инвестиции во државата сега речиси го достигнуваат нивото на инвестициите во Европската Унија.

Вучиќ повтори дека Србија останува посветена на членството во Европската Унија, но оцени дека поддршката на граѓаните за таа идеја е во опаѓање.

„Ќе си ја завршиме работата кога станува збор за исполнување на критериумите на ЕУ, но во меѓувреме мора да се грижиме за себе. Не можеме да чекаме вечно“, истакна тој.

Во исто време, тој рече дека Србија останува на европскиот пат, без оглед на политичките и економските притисоци.

Зборувајќи за внатрешнополитичката ситуација, Вучиќ изјави дека протестите во Србија продолжуваат, кои траат веќе долго време, и дека во земјата се очекуваат изборни процеси.
Тој изјави дека неговата партија СНС се уште има околу 40 проценти поддршка на анкетите, истакнувајќи дека нема јасно профилиран политички противник.
Вучиќ потврди дека неговиот претседателски мандат ќе трае до 2027 година, во согласност со Уставот, но не ја исклучи можноста повторно да ја извршува функцијата премиер во иднина.

Оцени дека постојат можности за проширување на економската соработка со САД, и покрај историската недоверба што постои кај дел од јавноста поради бомбардирањето на НАТО за време на војната во Косово и го нарече Трамп – „сродна душа“.

Претседателот на Србија изјави дека Србија ќе остане на европскиот пат, но во исто време ќе продолжи да ги развива односите со Кина, САД и другите партнери.
„Ние сме на европскиот пат и ќе останеме на тој пат, без оглед на притисоците“, заклучи Вучиќ за Блумберг.

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести