Голем шумски пожар во Андалузија уништи над 3.600 хектари, во гаснењето вклучена и војската

 Големиот шумски пожар што изби во областа Уелва во шпанската автономната заедница Андалузија сè уште беснее, откако досега уништи повеќе од 3.600 хектари земјиште, поради што во операцијата за справување со стихијата е вклучена и Воената единица за вонредни состојби (УМЕ).

Регионалната влада на Андалузија го подигна нивото на тревога на втор степен, а шпанскиот весник „Паис“ пренесува дека се очекува дополнително влошување на состојбата поради најавениот силен ветер. Пожарот првично избувна во подрачјето на Лос Турбиос во Уелва и брзо се прошири, а локалните власти во градовите Гибралеон и Сан Бартоломе најавија дека поради непосредната опасност ќе побараат овие реони да бидат прогласени за подрачја тешко погодени од природна катастрофа.

Гаснењето е сериозно отежнато од силниот ветер кој често го менува правецот.

На терен дејствуваат околу 360 пожарникари со 13 противпожарни возила, тешка механизација и хеликоптери. Припадниците на воената единица УМЕ на терен користат булдожери, возила и цистерни, а во текот на денот во операцијата се очекува да се вклучат повеќе од 25 авиони за гаснење пожари.

Порталот „Демократа“ наведува дека од Гибралеон и Сан Бартоломе превентивно биле евакуирани 352 жители, но дел од нив веќе почнале да се враќаат во своите домови. Патните правци во регионот засега остануваат отворени за сообраќај.

МИА

Најчитани вести