Палестинското движење Хамас синоќа го поздрави договорот меѓу САД и Иран за прекин на воените дејствија на Блискиот Исток, изразувајќи надеж дека тој ќе придонесе и за запирање на насилството во Појасот Газа.
Во соопштението, исламистичкото движење, кое управува со оваа палестинска територија, му честиташе на својот ирански сојузник за „цврстината“ покажана пред „притисоците и предизвиците“. Истовремено, Хамас изрази надеж дека договорот ќе има „позитивно влијание врз различните регионални прашања“, особено во однос на „итниот прекин на израелската агресија“ во Газа, во Либан и на „сите други фронтови“.
Палестинската енклава, опустошена од двегодишната војна што беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел, и натаму е сцена на насилства со речиси секојдневни израелски напади.
Откако во октомври минатата година стапи во сила кревкото примирје, во Газа се убиени најмалку 992 Палестинци, соопшти Министерството за здравство под контрола на Хамас, чии податоци Обединетите нации ги сметаат за веродостојни. Израелската армија, пак, соопшти дека во истиот период загинале петмина нејзини припадници.
На вчерашната прес-конференција, по објавувањето на договорот меѓу Техеран и Вашингтон, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската армија ќе остане во Газа, Либан и Сирија „онолку долго колку што е потребно“.
МИА


