Стармер го нарече „непромислен“ инцидентот со руската фрегата во Ламанш

Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека испукувањето предупредувачки истрели од руска фрегата во Ламанш со цел да биде оттурната британска цивилна јахта во близина на британските територијални води било непромислено и длабоко загрижувачко.

Инцидентот се случил вчера, според соопштенијата на министерствата за одбрана на Велика Британија и на Русија. Според Москва, целта на истрелите била да се спречи судир, откако пропаднале обидите на фрегатата „Адмирал Григорович“ да воспостави врска со јахтата.

– Она што се случи во Ламанш е длабоко загрижувачко. Тоа беше непромислено – изјави Стармер за Би-Би-Си њуз за време на престојот во Франција по повод самитот на Г-7.

Тој посочи дека, според проценката на британското Министерство за одбрана, рускиот воен брод се движел по струјата, а истрелите биле само предупредувачки.

– Ова не требаше да се случи. Тоа е непромислено, а двајцата сопатници кои се наоѓале на јахтата сигурно биле преплашени – додаде британскиот премиер.

Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека екипажот на фрегатата забележал јахта што се движела по курс кој претставувал ризик од судир со воениот брод. Откако повеќекратните обиди за воспоставување радиоврска останале безуспешни, фрегатата испукала предупредувачки истрели пред јахтата, вклучително и од стрелечко оружје.

Според руското министерство, по предупредувањето јахтата го променила правецот и се оддалечила.

Британското Министерство за одбрана го опиша случајот како „изолиран инцидент“ кој не е поврзан со заплената на брод од таканаречената руска „флота во сенка“, што британски командоси го задржаа во текот на викендот.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести