Општина Македонска Каменица ги информираше граѓаните дека во ноќта помеѓу 18 и 19 јуни, во периодот од 22:00 до 02:00 часот, на целото подрачје на општината ќе се реализира терестично прскање против комарци.
Од локалната самоуправа посочуваат дека активноста е дел од мерките за заштита на јавното здравје и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, со цел намалување на бројноста на комарците во пресрет на летниот период.
Воедно, од Општината апелираат до пчеларите навремено да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на пчелните семејства за време на спроведувањето на третманот.
Според надлежните, со реализацијата на ваквите превентивни активности се продолжува со напорите за создавање побезбедна и поздрава животна средина за сите жители на Општина Македонска Каменица.
МИА


