Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го објави службениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу САД и Иран, кој е прв чекор кон мир на Блискиот Исток.
За време на викендот Вашингтон и Техеран постигнаа рамковен договор за завршување на војната, што почна на 28 февруари со американско-израелскиот напад врз Иран. И двете страни тоа го прогласија за сопствена победа и упатија предупредувања во случај да не се почитува договореното со повторно разгорување на војната.
„Меморандумот од Исламабад за разбирање помеѓу САД и Исламската Република Иран“, што треба да биде потпишан в петок во Швајцарија ќе значи почеток на преговорите за траен мировен договор.
Меморандумот содржи 14 точки и предвидува моментален и траен прекин на сите воени операции помеѓу САД и Иран и нивните сојузници, вклучително и на територијата на Либан.
Вашингтон и Техеран се обврзуваат дека ќе се воздржат да не се мешаат во внатрешните работи на другата страна и оти ќе го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на другиот.
Според третата точка од Меморандумот двете страни се обврзуваат конечниот договор да биде постигнат во рок од 60 дена.
Документот од Исламабад предвидува и деблокирање на еден од најважните светски енергетски коридори – Ормуската Теснина. Веднаш по потпишувањето на Меморандумот, САД ќе ја укинат поморската блокада, а по потпишувањето на конечниот договор ќе ги повлечат своите сили од непосредната близина на Иран.
Додека Иран има 30 дена да овозможи пловидба на трговските бродови од Персиски кон Омански Залив и обратно. Рокот е даден со цел Техеран да ги отстрани техничките препреки и да ги неутрализира мините. Иран се обврзува и додека траат преговорите да не наплаќа за премин низ Ормуска Теснина.
Според Меморандумот, САД и регионалните партнери ќе развијат план за економска обнова на Иран во вредност од 300 милијарди долари. Предвидено е постепено укинување на санкциите кон Иран, меѓу кои и санкциите од Обединети нации, како и одмрзнување на иранските финансиски средства и државен имот.
Иран со Меморандумот повторно се обврзува дека нема да развива или набавува нуклеарно оружје. Голем број детали за иранската нуклеарна програма ќе се прецизираат за време на 60-дневните преговори, како начинот за неутрализација на иранските резерви високо збогатен ураниум.
САД и Иран се согласни конечниот мировен договор да биде одобрен со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на ОН.
Според најавите Меморандумот во швајцарското одморалиште Биргеншток ќе го потпишат американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Бакер Галбаф. Во меѓувреме портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи изјави дека документот би можеле да го потпишат претседателите на Иран и на САД, Масуд Пезешкијан и Доналд Трамп.
Тој истакна дека се разгледува идејата Пезешкијан и Трамп од далечина да присуствуваат на состанокот во Швајцарија и да го потпишат Меморандумот за разбирање.
МИА


