Серија пожари избувнаа во Сплитско-далматинската жупанија во јужна Хрватска по силното невреме проследено со грмотевици што вчера попладне го зафати регионот, јави хрватската национална телевизија ХРТ.
Пожарникарите до доцна синоќа се бореа со огнените жаришта во близина на Вргорац, Омиш, Клис и Триљ, а најверојатна причина за нивното избувнување беа удари од гром.
Првото жариште беше регистрирано во близина на Биско, недалеку од Триљ, каде што пожарникарите успеаја брзо да го локализираат ширењето на пламените јазици.
Најсериозна беше состојбата во близина на селото Блаце, каде што беше испратен и противпожарен авион „канадер“ за поддршка на копнените екипи.
Гореше претежно ниска вегетација и шумски површини, а засега нема информации за загрозени населени места, објекти или човечки животи, наведува телевизијата.
Точната површина на зафатеното подрачје ќе биде утврдена по целосното гаснење на сите жаришта.
МИА


