Откриен нов вид „одечка“ ајкула во водите на Папуа Нова Гвинеја

Биолози идентификувале нов вид ајкула од родот „Hemiscyllium“ во водите на источна Папуа Нова Гвинеја, со што дополнително ја прошириле оваа необична група гребенски ајкули познати по тоа што ги користат своите четири перки за „одење“ по морското дно.

„Одечките“ ајкули опфаќаат десет слични видови тепих-ајкули, чија идентификација се заснова на карактеристични шари на телото, генетски маркери и нивната географски ограничена распространетост. Овој вид е уникатен за Австралија и островот Нова Гвинеја. Ајкулите се мали, претежно ноќни животни кои најчесто достигнуваат должина од 70 до 80 сантиметри, додека најголемиот досега забележан примерок бил долг 107 сантиметри.

Тие најчесто живеат во плитки крајбрежни живеалишта, вклучувајќи корални гребени, полиња со морска трева и мангрови шуми. Претежно можат да се забележат на длабочини помали од 10 метри, иако се забележани и на длабочина до 50 метри. Овие ајкули имаат исклучително ограничен простор за живеење (од неколку стотици квадратни метри до неколку квадратни километри). Тоа се должи на нивната ограничена подвижност и живот на морското дно.

„Одечките“ ајкули се јајценосни животни и полагаат мали овални јајца на морското дно, што дополнително ја намалува нивната способност за ширење на нови подрачја. Иако сознанијата за распространетоста на „одечките“ ајкули значително се подобрени во последните две децении, видовите што живеат во водите на источна Папуа Нова Гвинеја сè уште остануваат недоволно проучени.

Д-р Кристин Даџеон од Универзитетот Саншајн Коуст и нејзините колеги, во новата студија, се обиделе да ги пополнат овие празнини во знаењето преку истражување на распространетоста на „одечките“ ајкули во источниот дел на Папуа Нова Гвинеја.

– Новите видови ајкули не се откриваат толку често, а ова е дефинитивно првиот што е именуван по мене, изјавила д-р Даџеон.

Новиот вид ајкули бил откриен за време на истражувања спроведени во периодот од 2023 до 2025 година во провинцијата Милн Беј во Папуа Нова Гвинеја. Наречена даџеонова еполетна ајкула (Hemiscyllium dudgeonae), оваа ајкула се одликува со единствена шара со кафеави точки испреплетени со бели дамки и линии по телото, како и со впечатлива ознака налик на око зад главата.

По направените генетски анализи е увидено дека новиот вид е тесно поврзан со видот „Hemiscyllium michaeli“. Истражувачите предупредиле дека „Hemiscyllium dudgeonae“ може да биде особено ранлива поради нејзината очигледно ограничена распространетост.

– Се надеваме дека ќе собереме повеќе податоци за време на нашата следна истражувачка експедиција во октомври, што ќе ѝ помогне на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН) да процени дали видот треба да биде категоризиран како ранлив или загрозен од исчезнување“, изјавила Џес Блеквеј од Универзитетот Саншајн Коуст.

Научниците исто така ги преиспитале познатите подрачја на распространетост на видовите „Hemiscyllium michaeli“ и уште еден вид одечка ајкула од Папуа Нова Гвинеја („Hemiscyllium hallstromi).

– Нашето истражување го промени и разбирањето за тоа каде можат да се сретнат „одечките“ ајкули. Претходно се сметаше дека секој вид е одделен со природни пречки како реки или длабоки води. Сега знаеме дека нивното размножување во источна Папуа Нова Гвинеја се преклопува, иако видовите не се појавуваат заедно. Новиот вид е десеттиот познат вид еполетна ајкула од Папуа Нова Гвинеја. Пет од нив веќе се наведени како загрозени на црвената листа на ИУЦН, според критериумот Б кој се применува на само околу три проценти од сите видови ајкули, објаснила Блеквеј.

Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Џурнал оф д‘ оушн сајенс фаундејшн“ („Journal of the Ocean Science Foundation“). 

МИА

Најчитани вести