Запрено е истекувањето амонијак во Гуча, шест луѓе побарале медицинска помош

Истекувањето амонијак од сигурносен вентил на ладилник во Гуча е запрено, а шестмина граѓани се испратени на лекарски преглед, јави утрово РТС.

„Во Одделот за итни случаи на Општата болница Чачак, шест лица беа прегледани поради изложеност на амонијак во Гуча. Сите пациенти се во добра општа состојба, а по дијагностиката беа пуштени на домашно лекување“, се наведува во соопштението на болницата.

Истекувањето амонијак се случило кога на безбедносен вентил се појавил дефект поради висок притисок во системот за ладење.

Во текот на ноќта, граѓаните добиле СМС-предупредување од Министерството за внатрешни работи дека 50 минути по полноќ се случила несреќа и дека амонијак истекува од ладилник лоциран на улицата „Првомајска“ број 9 во Гуча.

Во пораката, на граѓаните им се советува да ги затворат прозорците и вратите од своите куќи, да стават влажни крпи на носот и устата и да ги заштитат своите респираторни органи.

Министерството за внатрешни работи на Србија денеска соопшти дека поради истекувањето на амонијак во Гуча се евакуирани седум лица, од кои четворица се пренесени во болницата во Чачак.

Интервенцијата на пожарникарите-спасувачи заврши во 6:55 часот наутро, наведува Министерството за внатрешни работи во соопштението. Целосно е запрено истекувањето на амонијак по осум часот утрово.

За време на вечервашното активирање на Системот за известување за вонредни ситуации на граѓаните поради истекување на амонијак во Гуча, се случила грешка при доставувањето на пораката, поради што некои корисници биле известени преку системот „Пронајди ме“, наместо преку Системот за известување за вонредни ситуации на граѓаните, соопшти српското МВР.

Барањето за активирање на Системот за итно известување на граѓаните е примено во 2:17 часот наутро од Одделот за вонредни ситуации, а по проверка на податоците, алармот е активиран во 2:27 часот наутро согласно пропишаната постапка и е проследен до мобилните оператори.

Операторите Јетел (Јетел и А1) го препратија предупредувањето преку Системот за известување за итни случаи на граѓаните, во областа Гуча, за која беше наменето, додека за некои корисници во мрежата на Телеком Србија, пораката погрешно беше доставена преку системот „Пронајди ме“.

МВР на Србија наведе дека, во соработка со надлежните институции и мобилните оператори, ќе преземе сите потребни мерки за да се спречи повторување на вакви ситуации и да се обезбедат навремени и веродостојни информации за граѓаните во случаи на вонредни настани. 

МИА

Најчитани вести