Продажбата на нови автомобили во Франција се зголеми за 11,4 отсто во јуни на годишно ниво, со 188.787 нови патнички возила регистрирани минатиот месец, според податоците објавени денеска од Француската автомобилска платформа (ПФА).
Растот на продажбата продолжи во јуни, но францускиот пазар на автомобили сè уште не го достигна нивото што го имаше пред корона-пандемијата, според „Ле Фигаро“. ПФА, којашто ги поврзува производителите на автомобили и добавувачите на автоделови во Франција, извести дека податоците се однесуваат на сите новорегистрирани патнички возила, без оглед на марката или видот на погонот, пренесува Танјуг.
Растот на продажбата, се вели, во голема мера е поттикнат од растечката побарувачка за електромобили. Бројот на нови регистрации на електрични автомобили во Европската Унија е зголемен за повеќе од 40 отсто во мај, во споредба со истиот месец лани, при што кинеските производители забележаа најбрз раст на продажбата, според претходно објавениот извештај на Европската асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА).
Во мај, бројот на новорегистрирани возила со сите погонски склопови се зголеми за 3,2 отсто – на 955.013 единици, додека продажбата на електрични возила на батерии (БЕВ) скокна за 43 отсто – на 203.417 возила, објави „Шпигел“.
МИА


