СП 2026: Полицијата во Атланта се подготвува за можни инциденти пред полуфиналето Англија – Аргентина

Полицијата во Атланта е запознаена со историјата на односите меѓу Англија и Аргентина и се подготвува за сложена операција пред полуфиналето на Светското првенство во кое двете репрезентации ќе се соочат в среда навечер по средноевропско време во овој американски град.

Снимки од помали судири меѓу аргентинските и англиските навивачи од саботата веќе циркулираат на социјалните мрежи.

Една од нив покажува како англиски навивач разменува удари со тројца мажи во дресови на Аргентина, додека на друга може да се види како група навивачи во дресови на Аргентина се соочуваат со англиските навивачи во бар.

Во САД има голема аргентинска дијаспора, особено во Флорида, и се очекува многумина да пристигнат во Атланта, в среда со почеток во 21 часот по средноевропско време.

Аргентинските навивачи и играчи постојано се повикуваат на Фолкландските Острови, кои во Аргентина и повеќето јужноамерикански земји се нарекуваат Малвини, и откако стигнаа до четвртфиналето на снимки од трибините и соблекувалната можеше да се слушне песната „За Малвините, за Диего (Марадона), за последниот танц на Лео (Меси)“.

Првичната верзија се пееше во текот на целиот настап на Аргентина до титулата на Светското првенство во Катар во 2022 година, а беше ажурирана за овој мундијалски турнир.

Оригиналната песна започнува со стиховите „Роден сум во Аргентина, земјата на Диего и Лионел, и момчињата од Малвините кои никогаш нема да ги заборавам“. Ажурираната верзија сега ги вклучува стиховите „Јас сум Аргентинец од лулка до гроб, за Малвините, за Диего, за последното поглавје на Лео“.

Аргентинската војска во април 1982 година изврши инвазија на Фолкландските острови, а во конфликтот што траеше 74 денови загинаа 649 аргентински војници.

Од друга страна, посебно внимание во фудбалските односи меѓу Аргентина и Англија има таканаречената „Божја рака“ на Диего Марадона кога во еден од најконтроверзните моменти во историјата на светските првенства. Аргентина ја победи Англија со 2-1 во четвртфиналето на Светското првенство во Мексико во 1986 година.

Шест минути откако почна второто полувреме, Марадона втрча во шеснаесетникот, го натскокна англискиот голман Питер Шилтон, и со раката крената над главата ја допре топката и постигна гол. И покрај протестите на англиските играчи, голот беше признат, а Марадона подоцна го припиша на „Божјата рака“.

МИА

Најчитани вести