Патниците може да заштедат до 26 отсто од трошоците, ако резервираат хотелска соба поблиску до датумот на поаѓање – оптимално би било околу една недела пред патувањето.
Интернет-страницата за патувања „Хотелс“ го објави својот „Индекс на цени на хотели“, поточно извештајот за цените на хотелите за 2026 година, користејќи податоци од повеќе од 11.000 анкетирани патници, како и сопствените системи за резервација. Анализата покажа и дека цените на хотелското сместување се попристапни ако пријавувањето во хотелот се врши во недела, наместо на пр. во петок или сабота.
Порталот издвои 10 дестинации каде што може да се престојува во луксузни хотели за помалку од 200 британски фунти – или околу 232 евра.
Најприфатливо место, во тој поглед, сѐ уште е Нха Транг во Виетнам, каде што просечната цена за ноќевање во хотел со пет ѕвезди чини околу 82 евра. Следат Сарагоса во Шпанија и Вроцлав во Полска, каде што ќе платите околу 140 евра, за ноќевање во хотел со пет ѕвезди.
За 150 евра, можете да спиете во главните градови на Албанија и Латвија, како и во Загреб. Хрватскиот главен град се најде на листата најприфатливи дестинации кога станува збор за просечни цени за луксузно сместување. За просечна цена од околу 156 евра, може да престојувате во Софија, Бугарија и во Хераклион, Крит, Грција.
За околу пет евра повеќе, ќе ноќевате во хотел со пет ѕвездички во Талин, Естонија и Санто Доминго, Доминиканската Република.
МИА


