Николовски: Додека регионот оди напред,  добиваат милијарди од ЕУ, Македонија останува заглавена во место 

Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски на денешната собраниска седница, за пратенички прашања од опозицијата, опстави  две пратенички прашања, едно до вицепремиерот и министерот за европски прашања Беким Сали, и едно до министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа. Бидејќи двајцата министри беа отсутни, Николовски писмен одговор. Во прашањата, Николовски побара одговори од Владата за застојот на евроинтеграциите и за блокирањето на капитални инфраструктурни проекти во Крива Паланка. Тој побара вицепремиерот и министер за европски прашања да го соопшти планот на Владата за деблокада на европскиот пат на државата, предупредувајќи дека Македонија ја губи историската можност за членство во ЕУ, додека земјите од регионот напредуваат и обезбедуваат милијарди евра европски средства. Во второто прашање, Николовски побара објаснување од министерот за животна средина зошто две години се блокирани проекти вредни еден милион евра за водоводна и канализациона инфраструктура во Крива Паланка, иако средствата се веќе обезбедени преку заем од Светска банка.

Во продолжение е интегралното обраќање на Николовски:

„Имам должност, заради тоа што на почетокот на мандатот кажав дека, покрај производството на храна, младите и Европската Унија се единствениот за мене битен сегмент, без којшто ни пропаѓаат и џабе се сите други теми и дискусии, а да не зборувам за трошењето на пари на граѓаните, по примерот на завчерашната седница.

Затоа првото прашање го поставувам писмено. Знам дека вицепремиерот е отсутен и е на важен состанок во Франција. Тоа е првиот заменик на премиерот и министер за европски прашања. Најважната тема, нема друга побитна, и верувам дека ќе добијам писмен одговор по однос на двете прашања.

Второто е до министерот за животна средина. Исто така, министерот е отсутен. Меѓутоа, бевме со колешката Мимоза Муса од владејачкото мнозинство во Брисел и во Стразбур една недела на средби и со новиот министер за европски прашања на Ирска, која што го презеде претседателството, и со нашиот известувач во Европскиот парламент, со координаторите на сите групи во Европскиот парламент, вклучително и ЕПП, со многу други европски пратеници, и ќе ги сублимирам и пораките, но и она што сметам дека е особено важно да го знаеме.

Клучната порака беше дека моментот на проширувањето е сега, па кој знае кога. Меѓутоа, тоа беше повторено, сега е моментот, сега треба да бидете на масата за да ја осигурате иднината на вашите генерации. И тоа е најважната тема на било кој еден, сметам, во овој парламент. Ниту една друга деструктивност, караница, ништо друго не е битно, освен дали ние тоа ќе го направиме или нема да го направиме.

И јас сум за таа тема и сметам дека треба да имам одговор на моите деца кога сум можел, што е тоа што сум го направил. Сѐ друго е за мене воопшто беспредметно.Затоа што Албанија оди напред. Гледаме дека вчера, во „супер вторникот“, се случи после 20 години четири земји да напредуваат и ги одржуваат пристапните конференции. Албанија, Црна Гора, коишто беа многу позади нас, и Молдавија и Украина.

Но, она што го разговаравме во Стразбур и Брисел беше прашањето до најодговорниот во Европската комисија за проширувањето – тоа е генералниот директор во Директоратот за проширување. Македонија не беше спомната во топ 5. И ќе ви каже пратеничката Мимоза Муса дека го прашав како може тоа да не сме во топ 5, после промена на знаме, промена на име, реформи и сето она што сме го направиле како отстапки и она што го заслужуваме.

Да, колку и да е нефер односот, вие не сте во овие пет земји. Ми повтори, и одговорот беше и на сите други, дека ние не сме, иако имаме симпатии, не сме воопшто во фокусот. Ако бевме пред три години, сега воопшто не сме во фокусот.

Црна Гора добива 3,2 милијарди евра, а ние се расправаме за некој си, да не ги повторувам темите и да не го повторувам вокабуларот којшто е срамен од најодговорните во државата. Една Црна Гора, којашто беше многу поназад. Албанија исто така засилено оди, и Хрватска добива 21 милијарда во новиот буџет. Бевме пред Хрватска, пред нив ги почнавме пристапните преговори, а Македонија губи 8 милијарди евра. 

Ние зборуваме исто така за ситно. Ние зборуваме овде за работи за коишто уште децении треба да обезбедуваме пари за да ги промениме. А губиме 8 милијарди евра, од коишто една милијарда евра за земјоделство, но таа милијарда евра ја добива сега Албанија. Албанија, од којашто велиме дека увезуваме раноградинарски производи, тие ќе добијат милијарда евра за инвестиции и модернизација на земјоделството.

Да не се чудиме после кога другите одат напред, а ние ќе бидеме во ваква една изолација, во едно вакво статус-кво и ќе им кажеме на младите дека единствениот пат ви е на аеродромот со картата во еден правец и ние друго ништо не можеме да ви понудиме, заради тоа што сееме лажен страв, заради тоа што сееме популизам, национализам, заради тоа што тоа нам ни е важно.

И не беше пораката дека цело ВМРО-ДПМНЕ ги кочи уставните измени. Не, беа потенцирани луѓе коишто имаат комуникација, коишто имаат разбирање и така натаму. И клучното беше да се гради план за комуникација, не само со Софија, туку со сите земји членки коишто треба да гласаат низ целиот процес, стотици, илјадници одлуки за ние да го заокружиме членството.

И клучната порака не беше само за Бугарија, туку, луѓе, седнете, не го правите тоа што го прават Црна Гора и Албанија, градете и инвестирајте во билатералните врски со сите земји членки за да побрзо дојдете до целта којашто е наша стратешка, а тоа е да обезбедиме еднакви шанси за секој млад човек, еднаква примена на законот, институции коишто ќе функционираат, модерно образование и здравство за коешто зборуваме. Тоа ќе го имаме само преку системот и преговорите на Европската Унија и сум убеден дека нема друг начин, нема друга реформа како ние тоа да го направиме.

Меѓутоа, да бидеме свесни дека го губиме времето на идните генерации. ВЛЕН влезе во Владата токму со таа цел – да ја обезбеди европската перспектива. Поминаа шест месеци, година, година и пол, две години, пет пати повеќе од тоа што ветивте дека ќе бидете во Владата само ако ја откочиме европската интеграција.

Токму затоа прашањето до вицепремиерот: што правите на таа тема? Кој е вашиот план за европската иднина на Северна Македонија?

Второто прашање, исто така поврзано со средствата, односно до министерот за животна средина, локално прашање. Има одобрени пари коишто стојат на располагање и не се користат. Го поставувам до министерот за животна средина по однос на постапките на Министерството за грантовите за општините од заемот на Светска банка. Согласно методологијата за распределба, на Општина Крива Паланка ѝ следуваат 1 милион евра за проекти за подобрување на водната и канализационата инфраструктура.

Ние зборуваме за 1 милион евра коишто ги кочите и не ги реализирате. А знаете колку ќе добие Општина Крива Паланка од Европската Унија со самиот влез? Поедноставна формула – истата општина во Словенија со истата општина Крива Паланка. Во Словенија, од влезот во 2004 година до денес, општината којашто лани ја посетивме добила 500 милиони евра неповратни грантови.

Со 500 милиони евра во една општина нема младите да се иселат. Нема да има улица ненаправена, школо ненаправено, градинка ненаправена. Нема да се затвораат училишта, туку младите ќе имаат простор и можност да живеат таму. И затоа не се гради во Љубљана и затоа нема урбана мафија во Љубљана и така натаму, заради тоа што навреме го фатија тој европски пат.

Ние сега се молиме за 1 милион евра за водоводната линија во Вирови Грамаѓа, во должина од 8 километри, во село Конопница, најголемото и најживо село. Две години стои овој проект во Министерството, не се потпишува, не се процесуира. Парите општината си ги има, но како во ова министерство, така и во сите други, сѐ она што е за Крива Паланка е комплетно заборавено и блокирано.

Кога овие средства ќе бидат распишани? Кога ќе може да се реализира проектот за доизградба на постојната главна водоводна линија во Крива Паланка до село Конопница, изградба на новата водоводна линија Вирови Грамаѓа во Конопница, изградба на новата канализација во населба Маневци од село Дурачка Река?

Сите пари општината ги има добиено од Министерството. Проектите се направени, една од најспремните е, меѓутоа две години проектите стојат во фиока. И затоа прашањето е што планира министерот околу овие постапки, кога ќе се добијат и кога ќе се реализираат овие проекти коишто се важни од локално значење.

Ова се решенија и решавање на децениски проблеми на граѓаните со буџетски средства. Уште децении ќе разговараме ние овде за водоводи, за канализации, за ситни проблеми, заради тоа што не сакаме да го направиме чекорот кон Европската Унија. Не сакаме Крива Паланка во наредните три буџетски етапи и буџети на Европската Унија да добие околу 500 милиони евра. Не сакаме земјоделството да добие 1 милијарда. Не сакаме и губиме 8 милијарди евра додека целиот регион оди напред.

Ние ги задолжуваме овде, во Собранието, со вашето гласање, идните генерации. Им кажуваме порака дека милијарди евра ќе ве задолжиме, меѓутоа единствениот правец и излез ќе ви биде аеродромот во Скопје.

И токму затоа сметам дека и едното прашање е поврзано со планот и колку ВЛЕН тоа ќе чека во Владата и што е планот како да го фатиме овој воз, пораката којашто ја имаме од Европската Унија дека моментот на проширувањето е сега, но и дека се важни овие локални проекти коишто се закочени од страна на самите министерства, исто како и во другите министерства, за коишто ќе зборуваме на некое од наредните пратенички прашања“.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести