СП 2026: Трамп ќе присуствува на големото финале

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Шпанија, најави синоќа портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

„Се радуваме на финалниот натпревар в недела и знам дека претседателот се радува на доаѓањето. Неговото присуство ќе го заокружи она што беше најгледаното, најбезбедното и најуспешното Светско првенство“, рече Ливит.

Портпаролката на Белата куќа рече дека не знае дали Трамп има фаворит во финалето, но ги охрабри новинарите да го прашаат.

„Сигурна сум дека ќе има забавен одговор за вас“, рече Ливит.

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, пред неколку денови изјави дека е речиси во секојдневен контакт со Трамп и планирано е заедно да му го врачат трофејот на победникот во финалето.

„Тоа отсекогаш било така, претседателот на земјата домаќин го врачува трофејот заедно со претседателот на ФИФА. Се надевам дека ќе можеме да го направиме тоа заедно“, рече Инфантино.

Финалето на Светското првенство меѓу бранителот на титулата Аргентина и актуелниот европски првак Шпанија е закажано за в недела, со почеток во 21 часот по средноевропско време, на стадионот „МетЛајф“ во Ист Ратерфорд, Њу Џерси.

МИА

Најчитани вести