Не е сè до „пеперутките“ во стомакот. Група хормони и невротрансмитери управуваат со нашите емоции, однесувањето, како и начинот на кој ги градиме меѓучовечките односи. Научниците посочуваат дека различни хемиски супстанции управуваат со речиси секоја фаза на љубовта, од првичната привлечност и возбудата, до долготрајната приврзаност и чувството на сигурност, покажуваат научните истражувања.
Станува збор за група процеси кои се активираат кога ќе ни се допадне некој. Забрзано срцебиење, потење на дланките, постојано мислење на таа личност, се само дел од процесот на вљубеност. Со вљубеноста почнува да се лачи ендорфинот, познат како хормон на среќата. Со негово лачење се подобрува расположението, создавајќи чувство на сигурност и спокој. Ендорфинот игра значајна улога во долготрајните врски, бидејќи придонесува емоционална стабилност и блискост меѓу партнерите.
Втор на листата е допаминот кој прави постојано да мислиме на партнерот. Тој е главен на почетокот од вљубеноста, невротрансмитер задолжен за чувството на задоволство и награда. Овој хормон е „виновник“ поради честото идеализирање на партнерот, постојаното мислење и големата желба за средба.
Според научниците допаминот ги активира истите мозочни центри кои го активираат чувството на задоволство.
По него доаѓа окситоцинот, хормонот што ја создава довербата. Познат како „хормон на поврзаноста“, окситоцинот се лачи при прегратки, бакнежи и друга физичка блискост. Со негово лачење се зголемува довербата, емоционалната блискост и се создаваат стабилни партнерски односи.
Според истражувањата, партнерите кои покажуваат повеќе нежност и меѓусебна поддршка имаат повисоко ниво на окситоцин, што позитивно влијае не само врз квалитетот на врската, туку и врз имунолошкиот систем и целокупното здравје.
Уште едни хормони кои се појавуваат во текот на вљубеноста се серотонинот и кортизолот кои ни создаваат опседнатост со саканата личност.
Во првите месеци од вљубеноста нивото на серотонин често се намалува, а се зголемува кортизолот. Поради овие два хормона, често се размислува за партнерот, анализирајќи го секој разговор, средба или порака. Сето ова е проследено со возбуда, трема и забрзана работа на срцето.
Како што врската станува постабилна, така нивото на кортизол постепено се намалува, и главна улога зазема тестостеронот. Истражувањата покажуваат дека во првите месеци од врската нивото на тестостерон кај мажите може да се намали, додека кај жените често се зголемува.
Според експертите, ваквите промени можат да им помогнат на партнерите полесно да воспостават емоционална поврзаност.
Во студијата „Молекуларна основа на љубовта“ („The Molecular Basis of Love“), се наведува дека љубовта не е само прашање на хормони. На начинот на кој сакаме влијаат и личноста, животното искуство, културата, општественото опкружување и бројни други фактори. Токму поради тоа, љубовта е спој на биологија, психологија и емоции. Чувство што науката може да го објасни, но не може целосно да го сведе само на хемиски процеси.
„Молекуларна основа на љубовта“ е објавена во списанието „International Journal of Molecular Sciences“.
МИА


