Обвинителството покренува истрага, АХВ со вонредни контроли на водата во водоводот во Гостивар

Исправноста на водата за пиење во градскиот водовод во Гостивар се проверува со вонредни контроли за да утврди дали има поврзаност со зголемениот број на пациенти со дигестивни проблеми. Во меѓувреме, од ОЈО на новинарско прашање одговорија дека за незаконска интервенција во водоводната мрежа, по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење.

По појавата на зголемен број на граѓани кои изминативе десетина денови се жалеа стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира во градскиот водовод. Од одделението за хигиена и здравствена екологија при центарот за Јавно здравје, ПЕ Гостивар, потврдија дека вчера е спроведена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места.

Што се однесува до водата и поради ситуацијата, направивме, покрај редовните и вонредни анализи. Последните резултати од анализите што ги направивме од понеделникот беа добри, односно физичко-хемиски и микробиолошки беа во ред. Вчера зедовме уште некои вонредни анализи, меѓутоа за нивните резултати треба да почекаме до утре или евентуално до понеделник. Така што, во моментов не можеме ништо конкретно да кажеме за нив, изјави за МИА, д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена од Центар за јавно здравје Гостивар.

Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број на прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.

Лекарите препорачуваат да се води повеќе сметка за хигиената и навиките, особено во летниот период кога температурите се високи, а ризикот од стомачни инфекции значително е зголемен.

– Луѓето сепак треба да бидат претпазливи поради зголемениот број на цревни заболувања, како со водата, така и со храната. Пред сè, не треба да консумираат храна што може да предизвика вакви заболувања, како што е термички неподготвената храна. Храната и намирниците треба да бидат свежи. Исто така, овошјето и зеленчукот треба добро да се измијат пред употреба. И се разбира, водата да се користи од места каде што сметаат дека е сигурна, препорачува д-р Мустафа.

Последните три анализи на водата од гостиварскиот водовод, направени изминатиов месец во одделението за хигиена и здравствена екологија на Центарот за јавно здравје покажуваат дека таа била здрава и безбедна за употреба.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија