Абдија: Неопходно е иницијативата Отворен Балкан да се прошири на сите пазари во Западен Балкан, со цел економската интеграција да биде уште поуспешна

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Газменд Абдија, вели дека клучот за развојот на земјата е во приватниот сектор, Владата дава помош преку стимулирачки и афирмативни мерки.

Според него големо значење за инвестициите во нашата земја, но и за извозот од неа има иницијативата Отворен Балкан.

-Иницијативата Отворен Балкан претставува одлична можност за либерализација на капиталните текови, на тој начин ќе го направи регионот поатрактивен за нови инвестиции, како и за проширување на инвестициите. Оттука неопходно е иницијативата Отворен Балкан да се прошири на сите пазари во Западен Балкан, со цел економската интеграција на земјите да биде уште поуспешна.

Главната цел на иницијативата Отворен Балкан е создавање на  единствен регионален пазар заснован на принципите и вредностите на кои се заснова единствениот пазар на Европската унија, а тоа се слободата на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе.

Во таа насока активно продолжуваме да градиме нови партнерства и јакнење на соработката со Агенциите за инвестиции од Србија и Албанија. Тука би сакал да ја потенцирам и неодамнешната моја средба со директорот  на Агенцијата за развој на инвестиции од Албанија, Сокол Нано на која се разговараше за зголемување на активностите и потпишување на меморандум на соработка со цел зајакнување на врски и поттикнување на инвестициите и извозот во нашиот регион, вели Абдија.

Најчитани вести