Албум на Ориѓански и Бени: ДОБРО УТРО ГОСПОЃО

Во време кога македонската музичка сцена за жал дише на апарати, уметниците скоро и да не помислуваат да направат музичко дело кое ќе биде дел од една музичка историја но  двоецот Ориѓански – Шаќири решија соработката да ја претопат во носач на звук за кој многумина веруваат и тврдат дека ќе има важен дел во Македонската музичка историја.  Со многу љубов, внимание, желба, помош и поддршка од љубителите на музиката на Ориѓански и Шаќири и без субвенции  албумот со наслов ДОБРО УТРО ГОСПОЃО излезе во продажба.

На државата не и должам ништо, ви должам вам драга моја публико, ви должам нова музика и ви се заблагодарувам на безрезервната поддршка за да го издадеме овој албум заедно со Бени – напиша на својот фб профил Ориѓански

Иако сме навикнати Бени Шаќири да го слушаме и гледаме во rock n roll издание сепак тој реши да ја покаже и другата страна на музичката медаља за која малкумина знаеја дека ја поседува. Во едно мирно и несекојдневно издание за него, Бени докажа дека музиката не го ограничува и дека сака да ја покаже и другата страна.

,, Бени е големо изненадување за мене, тој е крал ’’ –  Бени е голем џентлмен и еден од најдобрите пејачи на овој простор. Моја задача и ќеф беше од него да извадам еден прекрасен свет кој спие во неговото искрено срце, за кој можеби и тој самиот не е свесен дека го поседува и така започнувајки со ’’ Си беше еднаш’’  текст на Дарко Лешоски песна по песна стигнавме до албум .

Албумот  ’’ Добро утро госпоѓо’’ содржи 12 композиции, 9 од нив се на македонски, две на албански јазик и една на грчки.Музиката и текстовите се на Златко Ориѓански.  Албумот е снимен во студиото на Мите Димовски ’’ Тралала’’ , продуценти на истиот се Ориѓански – Димовски, а како артисти на истиот се јавуваат : Емир Хот – гитара, Мите Димовски- тапани, Илија Филипофски- виолина, Благојче Трајковски- кларинет, Душко Божиновски- хармоника, Лазар Сандев- мандолина, Игор Стојанов-саксофон, Драган Младеновски- труба, Микули Костовски- клавијатури, Вера Милошевска- придружни вокали, Арбен Бени Шаќири- вокал, Златко Ориѓански- гитара и вокал.

За една од песните од албумот насловена како  ’’ Анице, љубов моја’’ се сними и видео спот под режисерска палка на младиот Ханис Багашов кој исто така ја направи и фотографијата за омотот на албумот.

Албумот е посветен на големиот македонски режисер Слободан Унковски.

На прашањето зошто Ориѓански го посветува овој албум на Унковски тој вели :

Од него и од неговите претстави учев уште пред да го запознаам лично. Еве, веќе три години работиме заедно и покрај тоа што го засакав како уметник го засакав и како човек. Тој е еден од најголемите уметници што оваа земја ги дала било кога. Унко е светски режисер.

Албумот е во продажба во Југотон и во сите специјализирани музички продавници во Македонија.

Најнови вести

Најново од Магазин, Топ Вести

Најчитани вести