Масимилијано Алегри, тренерот на повеќекратниот италијански и европски шампион Милан изрази уверување дека неговата екипа во текот на сезоната ќе игра се подобро и дека ќе ги израдува навивачите со подобри резултати.
Алегри својот оптимизам го темели на доаѓањето на Адил Рами и Кеисуке Хонда, како и на рехабилитирањето од повредата на Филип Мексес.
Синоќешното реми со Рома за „росо-нерите“ значеше продолжување на серијата од седум средби без пораз во Серија А.
– Одигравме добро на крајот, а можевме и да победиме ако Балотели реализираше во финишот. Што се однесува до натпреварите во Лигата на шампионите каде сме единствен претставник на италијанскиот фудбал, ќе биде многу тешко против Атлетико Мадрид. Но до февруари нивната форма може да падне, а уверен сум дека нашата ќе има нагорна линија, изјави тренерот на Милан.
Во Италијанското првенство Милан е на 10.место со заостаток од 16 бодови од позицијата која обезбедува настап во елитното натпреварување следната година, па единствена шанса за такво нешто е преку потешкиот пат, а тоа е освојување на Лигата на шампионите.


