Австралија привремено го намалува данокот на гориво поради зголемените трошоци

Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека владата ќе ја преполови акцизата за гориво и дизел и ќе ги укине давачките за користење на патиштата за камиони во период од три месеци за да им помогне на домаќинствата да се справат со зголемените трошоци предизвикани од војната со Иран.

– Преполовениот данок ќе ја намали цената на горивото за 26,3 австралиски центи по литар – рече Албанезе.

Вкупните трошоци за владата ќе бидат околу 2,55 милијарди австралиски долари (1,75 милијарди американски долари), изјави министерот за финансии Џим Чалмерс на заедничка прес-конференција со премиерот и министерот за енергетика Крис Бовен, објави Ројтерс.

Околу 20 проценти од светската нафта се транспортираше преку Ормускиот теснец пред војната меѓу САД и Израел против Иран да ги поремети испораките.

Цената на нафтата од типот Брент се зголемила за 59 проценти во март, што е најголемото месечно зголемување во историјата, а на отворањето на пазарот денес изнесувала 115,66 долари за барел.

Мерките се најновите во низата чекори за обезбедување на снабдување со гориво што Канбера ги усвои од почетокот на војната на 28 февруари. Претходно беше објавено ослободување на бензин и дизел од домашните резерви, како и привремено олеснување на стандардите за квалитет на горивото.

Просечната малопродажна цена на литар дизел минатата недела во Австралија се искачи на повеќе од 3 австралиски долари, додека бензинот достигна 2,50 долари, според извештајот на Австралискиот институт за нафта од 29 март.

Најчитани вести