Багеи: Разговорите на Иран со САД продолжуваат со посредство на Пакистан

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багеи денеска изјави дека разговорите со САД продолжуваат со посредство на Пакистан.

Во интервју за иранската државна новинска агенција Тасним, Багеи рече дека Ормуската Теснина е многу важен воден пат за целиот свет и додаде дека Иран отсекогаш вложувал големи напори за да го заштити безбедниот сообраќај на оваа пловна рута.

– Ние продолжуваме да се трудиме да обезбедиме сообраќајот низ Ормуската Теснина да се одвива со целосна безбедност. Нападот на САД и ционистичкиот режим што се случи на 28 март нè натера да преземеме мерки за заштита на нашата национална безбедност и тоа е дозволено – рече Багеи и додаде дека Ормуската Теснина се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман и двете земји сметаат дека се обврзани да обезбедат безбеден поморски сообраќај на таа рута.

Како одговор на објавувањето на извештаите за намерата на ОАЕ да го нападнат Иран и посетата на израелски функционери на ОАЕ, Багеи рече дека Иран нема да дозволи разни извештаи да го наведат да го заборави фактот кој е главната закана.

– Не сме непријатели на ниту една земја во регионот и соседи сме на сите. Ги повикуваме сите да бидат претпазливи поради заговорите од страна со цел создавање поделби – рече Багеи.

Тој укажа дека е природно секоја крајбрежна земја да наплаќа надоместоци за услугите што ги дава, но главното прашање е да се осигура безбеден премин со зачувување на националната безбедност.

– Настаните што се случија од март имаат правна основа. За Иран и Оман, како две крајбрежни земји, воспоставувањето механизам за безбеден премин заснован на меѓународното право секако ќе подразбира трошоци – рече Багеи.

МИА

Најчитани вести