Министерството за внатрешни работи соопшти дека ноќеска била побарана полициска асистенција откако осуденик побегнал за време на спровод.
„На 12.01.2023 г. во 23 20 ч. четворица вработени во Затворска полиција кои биле со комбе „форд транзит“ на Затворската полиција побарале помош од полициски службеници на СВР Скопје, откако, според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М. , од КПУ Идризово кон Ургентен центар „Мајка Тереза“, на автопатот, осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х. (вработен во Затворска полиција), пукал и го ранил И.Х.. Потоа осуденикот избегал со патничко возило „ауди“”, соопшти МВР.
“Повредениот вработен во Затворската полиција е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, соопшти МВР.
Ноќеска пред полноќ затвореник од КПУ „Идризово“ побегнал од затвор додека како итен случај бил транспортиран во болница. Тој ранил еден од затворските полициски службеници кои го обезбедувале и побегнал со друго возило.


